Катарактниот и витреоретинален хирург д-р Виолета Бучкоска и нејзиниот колега, офталмолог д-р Сашо Ѓорѓиоски од Специјалната очна болница „Деница“ од Скопје, преку оваа панел дискусија, ја зајакнуваат свесноста за важноста на очното здравје. Д-р Бучковска, во своето излагање, потенцираше дека најважно е очните проблеми да се третираат навреме. „Просечно, иако околу 60% од граѓаните имаат одреден проблем со видот, сепак важно е да се нагласи дека повеќе од 80% од очните проблеми се решливи доколку се третираат навреме“, рече д-р Бучковска. Според неа, особено е важно да се унапредува здравствената култура кај граѓаните, кои треба редовно да го посетуваат својот очен доктор и на тој начин, да бидат откриени сите болести и успешно да бидат третирани и надминати.
Д-р Сашо Ѓорѓиоски истакна дека 25% од децата имаат некаков проблем со видот поради што е неопходно уште од најрана возраст редовно да се посетува очен доктор. „Според јавно достапните статистики, во просек, децата во текот на еден ден поминуваат околу 6 часа пред компјутер или пред мобилните уреди, што претставува главна причина за појава на таканаречени дигитално поттикнати заболувања на очите, што е уште една важна причина зошто треба да се посветува особена грижа за нашето офталмолошко здравје“, истакна д-р Ѓорѓиоски.