Блог

СОВЕТИ ЗАШТИТАТА НА ОКОТО ВО СТУДЕНИТЕ ЗИМСКИ ДЕНОВИ

Окото е орган, прозорец кон светот, кој ни овозможува вид и перцепција за опкружувањето. Толку нежно и чувствително, а истовремено изложено на низа надворешни влијанија, но во својата совршеност окото има изградено и совршен систем за одбрана и одржување на својата функција – видот.

Еден од главните елементи во заштитата на окото се солзите т.е. нивна главна улога е заштитата на окото. Тие се должни да ја одржуваат влажноста на окото што е неопходно за негово функционирање. Тие го штитат предниот сегмент на окото (conjunctiva  i cornea) од појава на суви зони бидејќи нивната функција за јасен вид зависи од постојаното навлажнување. Истовремено со излачување на солзите се испирааат и надворешните иританси ( прашина, чад, аеросоли, страни тела), а поради својот состав се и првата имуно-биолошка бариера на окото. Содржат 98 % вода, минерали, ензими и протеини, пред се Ig A, lizozim, lactoferin кои се првата антибактериска одбрана на окото.

Солзите во 95 % се излачуваат од главната солзна жлезда (glandula lacrymalis) која се наоѓа во горниот надворешен агол над очното јаболко, а во помал дел ( 5 % ) од помошните солзни жлезди (glandulae Krause et glandulae Wolfring) сместени во конјуктивата. Постои базална секреција која е доминантна во количеството на солзи и рефлексна која е поттикната од дразба на окото како што се пребрз распад на солзниот филм, некој воспалителен процџес или друго заболување на окото.

Излачените солзи во окото се слеваат по средината на очното јаболко,  ја вршат својата улога и преку помошниот солзен апарат ( punctae lacrymalis  et ductus lacrymalis )  се собираат во солзната кеса (saccus lacrymalis )  и преку солзниот канал ( ductus nasolacrymalis ) се слеваат во носот. Водената компонента на солзниот филм се губи со испарување. Ова зависи од големината на отворот меѓу очните капаци , честотата на трепкањето  како и од температурата и влажноста на воздухот во околината. Причините за појава на солзењето како симптоми се:

1. Зголемено лачење на солзите (hyperlacrymacija) предизвикано од рефлексната реакција на солзните жлезди секундарно како одговор на дразба на предниот дел на окото (воспалителни процеси, повреди или други заболувања на окото). Ова се лекува со соодветна терапија на основното заболување;

2. Epiphora или прелевање на нормалната количина на солзи поради пречки во истекувањето низ помошниот солзен апарат. Таа се засилува на ладно и ветровито време, а најмалку е изразена во суви и топли услови.

Одговорот на прашањето што се може да предизвика појава од солзење на очите е малку поопширен. Еве ги основните:

1. Сите надворешни иританси кои доаѓаат во контакт со површината на окото ( прав, чад, домашна прашина., аеро загадувачи ) и го тера окото да го поттикне својот прв одбрамбен механизам, а тоа е солзењето;

2. Долготрајното гледање во монитор, поради реткото трепкање и следствено сушење на предната површина на окото, доведуваат до појавување на суви зони кои го будат рефлексот за солзење;

3. Долготрајното носење, неправилното одржување и неадекватно манипулирање со контактни леќи исто може да биде причина за изразено солзење;

4. Сепак најчеста причина за појава на солзењЕто се одредени заболувања на окото. Често е пропратено со црвенило, чувство на гребење, чешање и замаглување на видот. Тука спаѓаат заболувањата од инфективна природа ( бактериски и вирусни инфекции ), алергиски воспалителни реакции ( полени, козметички препарати, влакна од домашни миленици, контактни леќи и др. ), длабоки воспалителни процеси како одговор на други системски заболувања, покачен очен притисок како и неадекватно решена диоптрија на очилата. Неретко, особено кај повозрасната популација, може да се јави симптомот на солзењепри постоење на синдромот на суво око, малку парадоксално но вистинито. Поради намалена функција на солзната жлезда или лошиот квалитет на солзниот филм доаѓа до појава на суви зони кои го иритираат окото и ја будат рефлексната секреција поради што се јавува солзење.

Од сето ова можеме да заклучиме дека доколку солзењето е пропратено со црвенило, болка, заматување на видот веднаш треба да биде консултиран офталмолог. Доколку сте свесни дека вашето око било изложено на надворешни иританси треба истите да ги отстраните, а доколку тоа не го сторите окото само ќе се избори против нив со солзењето.

Еве неколку совети како да го заштитите вашето око:

- Не седете предолго пред мониторите, адоколку тоа го наложува вашата работна обврска нека бидат тоа кратки интервали и почесто погледот тргајте го од мониторот.Секако соодветна заштита може да побарате кај вашиот офталмолог;

- Престојувајте на чист воздух и избегнето го аерозагадувањето кое покрај другото ги иритира и вашите очи;

- Хранете се здраво;

- При долготрајно солзење пропратено со други симптоми ( црвенило , лепливост. Болка или нарушување на видната функција ) веднаш побарајте помош кај вашиот офталмолог.

д-р Снежана Андревска
Текстот е објавен во зимското издание на магазинот „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“.