Блог

Д-р Сашо Ѓорѓиоски: Како да ги заштитите очите од пролетното сонце?

За неколку недели конечно ќе почне долгоочекуваната пролет, а со тоа и зголемената изложеност на ултравиолетови зраци, но и на алергени. Медицинските експерти редовно предупредуваат за опасностите од долгото излагање на сонце, но и на алергените. Често постои верување дека сончевата светлина предизвикува моментални нарушувања на очите, како што се солзење, заблеснување и пецкање, а помалку е познат долготрајниот штетен ефект врз очите. Многу болести на очите кои се проследени со губење на видот, а за кои верувавме дека биле резултат на наследни или непознати фактори, биле предизвикани од влијанието на сончевата светлина врз различното ткиво на окото. Со цел да се спречат непријатните состојби и непоправливите оштетувања на очите потребно е од најрана возраст да се примени соодветна заштита на очите од сонцето. На кој начин да ги заштитите очите и какви очила за сонце да изберете дознавате од интервјуто за Точка со д-р Сашо Ѓорѓиоски, офталмолог од специјалната очна болница „Деница“.

До какви последици може да дојде ако не се заштитат навремено и соодветно?

- Краткорочното и интензивно изложување на очите на сонце може да предизвика акутни промени на корнеата, т.н. сончев кератитис што се јавува како резултат на изгореници на окото. Нарушувањато се манифестира со болка, жарење, пецкање, солзење и црвенило на окото со оток на капаците и привремено заматен вид. Долгорочната изложеност на сонце може да предизвика дегенеративни промени во корнеата и последователно губење на видот. Исто така, не ретки се и промени на конјунктивата во облик на жолчкасти наслаги, pinguecula или pterygium (надворешно перде) што можат да предизвикаат пречки како што се црвенило, иритација и често го нарушуваат естетскиот изглед на окото. Се забрзува и развојот на замаглување на леќата, т.е. појавата на катаракта веќе во рана средна возраст на животот, а на мрежницата (ретината) може да настане дегенерација на жолтата точка (точката на најјасниот вид) што доведува до трајно и неповратно оштетување на видот. Дури и краткорочното гледање директно во сонцето без никаква заштита може да доведе до појава на т.н.соларна макулопатија односно краткотрајно или трајно оштетување на жолтата точка.

Како да се заштитат очите од сончевите зраци?

- Очилата за сонце кои го блокираат УВ зрачењето обезбедуваат најдобра заштита во текот на целата година. - Со носење шапка можете да ја намалите директната експозиција и забленувањето на очите од сонцето. Се препорачува да се носи шапка со посветли бои за деца и возрасни, особено во времето на најсилното УВ зрачење помеѓу 10 и 16 часот. Ефикасноста е околу 50%, бидејќи не обезбедува заштита од рефлектирачките сончеви зраци.
- Контактни леќи со УВ филтер се препорачуваат да се носат во комбинација со очила за сонце. Самите не обезбедуваат УВ заштита на сите делови на окото и не го намалуваат чувството на зблеснување на очите.
- Капки за очи (вештачки солзи) го влажнат окото и ги испираат нечистотиите со што помагаат да се одржи заштитниот солзен филм кој се намалува поради високата температура и ветерот. Неквалитетниот солзен филм предизвикува сушење на површината на очите со што предизвикува црвенило, печење и гребење на окото.

Какви очила препорачувате?

- Обликот на очилата треба да се прилагоди на обликот на лицето. За летото препорачуваме модели со поголеми стакла, заоблени од страната со што штитат од рефлектирачките зраци. Материјалот на стаклата мора да биде со висока оптичка чистота, лесен, флексибилен и отпорен на гребење. Може да се направи од стакло или пластика, а исто така може да се направат и со диоптрија. Поликарбонатните стакла се препорачуваат за луѓе кои се занимаваат со спорт бидејќи се поотпорни на кршење. Фото осетливите стакла го менуваат интензитетот на затемнување во зависност од интензитетот на светлината и се погодни за возење. Поларизираните стакла и антирефлексните слоеви го намалуваат отсјајот и се погодни за возење и спортови на вода. Стаклата со ефект на огледало значително го ограничува количеството на светлина што влегува во окото, со што полесно се гледа. Бојата на леќата најчесто е сива, сивосина, зелена и кафеава, и се избира според намената и вкусот. Важно е да се напомене дека степенот на затемнување на стаклото не влијае на заштитата од УВ зраците.

Како да знаеме дека очилата за сонце обезбедуваат целосна УВ заштита?

- За избор на соодветни и квалитетни очила кои обезбедуваат целосна УВ заштита, најдобро е да се консултирате со професионален тим во офталмолошки ординации, оптики, аптеки или специјализирани спортски продавници. Се препорачува да се изберат очила за сонце кои нудат 100% или 99% заштита од UVA и UVB зрачење, потребно е да побарате декларација во која производителот ги наведува карактеристиките на стаклото и го гарантира квалитетот на производот. Налепницата UV 400 покажува дека сите сончеви зраци со бранова должина до 400 нанометри (сите UVA и UVB зраци) се блокирани.

Дали децата треба да носат очила за сонце?

- На децата им требаат очила за сонце со 100% UV заштита, и од најмладата возраст треба да се навикнуваат за носење, бидејќи поминуваат многу повеќе време надвор од возрасните. Не купувајте им на децата неквалитетни очила, пластични и темни, без филтер, бидејќи поради затемнувањето нивните зеници ќе се прошират за да пропуштат повеќе светлина и со тоа директно се зголемуваат штетните ефекти на сончевите зраци. Доенчињата и многу малите деца кои не можат да носат очила за сонце не треба да се изложуваат директно на сонцето во периодот од 10 и 16 часот. Најдобро е да се изнесат во длабока сенка за да се заштитат од рефлектирачките зраци.

Што е со појавувањето на пролетните алергии?

- Колку и да не привлекуваат да излеземе надвор сонцето и пролетните температури, доаѓањето на топлите денови за голем број на луѓе значи и борба со алергии. Алегриите најчесто се јавуваат со доаѓање на пролета. Очи кои солзат, црвенило, чешање, главоболка се само дел од симптомите со кои се борат многу луѓе кои имаат алергиски болести. Алергијата на очите е едноставна за препознавање – црвени очи, потечени капаци, чешање и солзење на очи, кивање и течење на носот – сето ова се симптоми на алергија.

Како настанува алергијата и кои се нејзини причинители?

- За жал, кај алергискиот имунолошки систем нападот од инаку безопасните супстанци (алергени) како полен, прашина, животински влакна, храна или лекови предизвикуваат воспаление. Очите реагираат на алергените кои ги иритираат со што настанува реакција на очите. Алергија на очите исто така може да биде предизвикана со реакција на одредени козметички производи или капки за очи, вклучувајќи ги и вештачките солзи за суви очи кои содржат конзерванси. Алергија на одредена храна или на пример убод од пчела или други инсекти, во принцип не влијаат така интензивно на очите, како што е тоа случај кај алергиите на полен, мувла и кpлежи.

Како да ги намалиме симптомите на алергија на очи?

- Избегнувајте алергени. Најдоброто што можете да го направите за намалување на симптомите на алергија на очите е да го ограничите своето изложување на алергените на кои сте осетливи. На пример, кога е голема количината на полен во воздухот, останете во затворена просторија што е можно подолго. Додека сте на отворено задолжително носете што е можно поголеми наочари за сонце како поефикасно би ги заштитиле очите од поленот во воздухот. Извадете ги контактните леќи. Имајќи во предвид дека контактните леќи на својата површина можат да привлечат алергени, размислете за опција на носење на диоптерски оквири во текот на сезоната на алергии. Друга опција е да носите дневни контактни леќи кои се фрлаат по секое носење, со што би избегнале насобирање на алергени на контактните леќи. Во случај на силен алергиски коњуктивитис потребно е да отидете кај офталмолог. Лечењето може да вклучи антихистаминици или против воспалителни капки за очи, стероидни капки за очи ( кај сериозни случаи).

Автор: А.В.

Извор: https://goo.gl/umwf1E