Блог

УЛОГАТА НА ВИТАМИНИТЕ ВО ПРЕВЕНЦИЈАТА И ОДРЖУВАЊЕТО НА ДОБРИОТ ВИД

Следејќи ги  современите текови на животот, се соочуваме со водење нездрав животен стил кој заедно со стареењето доведуваат до помали или поголеми оштетувања на органите во човековото тело. Се поставува прашањето дали со правилен внес на соодветни нутриенти може да му се помогне на организмот да ја зачува својата правилна функција и,  независно од процесот на стареење , да се овозможи човекот да има подобро здравје.

Окото е сложен орган, а со бројни студии е докажана улогата на различни нутиенти  кои можат да помогнат да се одржи неговата  правилна функција. Заболувањата како дијабетична ретинопатија, макуларна дегенерација, глауком, катаракт, значително влијаат на видот, а нивната инциденца се зголемува со стареењето. Оксидацијата и инфламациите се дел од етиологијата на овие болести па затоа различните нутриенти кои имаат антиоксидативно и антиинфламаторно дејство се потребни за да се овозможи  намалување на можноста да се јават овие заболувања или да се намали нивната прогресија.

Во продолжение се наброени токму потребните витамини и други нутриенти битни за здраво око и добар вид.

Витамин А
и неговиот прекурсор β каротен играат важна улога во зачувување на корнеата. Компонента е на родопсинот, биолошки пигмент кој се наоѓа во стапчињата во ретината,  одговорен за гледање при слаба светлина. Недостатокот на витамин А е реткост во развиените земји, меѓутоа не треба да се занемари бидејќи може да предизвика сериозна болест – ксерофталмија која може да резултира со слепило. Во некои студии  е докажано  дека витаминот А може да го намали ризикот од појава на катаракт и макуларна дегенерација поврзана со возраста.

Витамин Е
, а особено неговата форма α токоферол, е многу моќен антиоксиданс. Многу заболувања на окото се асоцирани со оксидативен стрес што всушност е дисбаланс меѓу антиоксидантите и слободните радикали во телото.  Мастите кои се интегрален дел од сите клеточни мембрани се многу осетливи на разградба од оксидацијата предизвикана од слободните радикали. α токоферолот ги врзува слободните радикали и превенира верижни реакции на липидна оксидација. Ова е од големо значење бидејќи во ретината концентрацијата на масните киселини е голема. Исто така, има позитивна улога и во потенцирањето на активноста на молекули и ензими во имунолошките и противвоспалителните клетки, покажува инхибиција на тромбоцитна агрегација и подобрување на вазодилатацијата, па затоа неговата употреба е важна при старечка макуларна дегенерација а и за намалување на ризикот од појава на катаракт.

Витамин Ц
исто како и витамин Е ги штити очите од оштетувања кои може да ги направат слободните радикали, а помага и во регенерација на оштетените ткива, го намалува воспалителниот одговор, превенира клеточни мутации и уште многу друго. Потребен е за синтеза на колаген, структурна компонента на крвни садови, лигаменти , коски, а кај окото корнеа и склера. Неколку студии покажуваат дека витамин Ц помага во намалување на ризикот од катаракт и  во превенција на старечка макуларна дегенерација.

Витамини од Б групата
, особено комбинацијата на Б6, Б9 и Б12 ја намалуваат концентрацијата на хомоцистеинот , протеин поврзан со појава на инфламација и зголемен ризик за развој на макуларна дегенерација. Витамин Б2 – рибофлавин позитивно влијае на оксидативниот стрес, а негов подолготраен недостаток може да доведе до појава на  катаракт. Витамин Б3 –ниацин има главна улога во трансформирање на храната во енергија , а има и антиоксидативно дејство. Неодамнешни студии сугерираат дека ниацинот игра улога во превенцијата на глауком, состојба при која се оштетува очниот нерв. Витамин Б1 е ефективен во намалување на ризик од појава на катаракт, а се употребува и во третман на рана фаза на дијабетична ретинопатија.

Лутеин и зеаксантин
се каротеноиди кои  во најголема концентарција се наоѓаат во зелениот листест зеленчук. Во човековото тело се концентрирани во макулата, централниот дел од ретината. Поради нивната антиоксидативна функција тие го ограничуваат ретиналното оксидативно оштетување преку апсорпција на сината  светлина, па помагаат во превенција на старечка макуларна дегенерација и катаракт.

Омега 3 масни киселини
,  а особено DHA и EPA во контекст на претходно кажаното за антиоксидантните својства, важни се за превенција на старечка макуларна дегенерација. Имаат бројни функции кои овозможуваат невропротективни ефекти во ретината. Ова вклучува модулација на метаболните процеси кои доведуваат до оксидативен стрес, инфламации и васкуларизација. Атеросклерозата на крвните садови кои ја хранат ретината доведува до ризик од старечка макуларна дегенерација, слично како и кај срцевите заболувања. Биофизичките и биохемиските функции на DHA може да влијаат на фоторецепторните функции на мембраната преку менување на пропустливоста, протокот, густината, својствата на липидната фаза и на активација на протеините кои учествуваат во мембранската врска.

Цинкот
е еден од поважните нутриенти и е одговорен за здравјето на ретината бидејќи е  главна компонента на  многу ензими  и е потребен за оптимален метаболизам во  окото. Игра  голема улога со антиоксидативните својства и учествува во имунолошкиот одговор.Учествува и во структурата на протеините и клеточните мембрани, а со негово губење од мембраните тие стануваат поподложни на оксидативно оштетување и намалување на својата функција. Игра улога и во трансмисијата  на нервните импулси.

Ако се прашувате кој е најлесниот  начин  го зачувате добриот вид и да ги заштитите очите од промените кои настануваат при процесот на стареење, едноставно наполнете ја чинијата  со  храна во сите бои на виножитото.  Портокаловите плодови како што се  морковот, слаткиот компир, тиквата  се богати со витамин А и β каротен. Најмногу витамин Ц ќе внесете во организмот конзумирајќи цитрусни плодови (лимон, портокал, цитрон), јагоди, бобичести плодови, пиперки. Зелениот листест зеленчук како зелена салата, кељ, спанаќ , а и тиквичка, брокула, прокељ ќе ви овозможи внес на лутеин и зеаксантин. Оревите, лешниците,бадемите, индиските ореви како и семињата (ленено, чиа семе, сончогледово, семе од коноп) се богат извор на витамин Е и омега 3 масни киселини кои пак најмногу ги има во морските риби (туна, лосос, скуша, сардина). Говедското месо, помалку пилешкото и свинското, е извор на цинк,  кој пак во јајцата е во комбинација  со витамин Ц, витамин Е, лутеин, зеаксантин и многу други нутриенти.  Конзумирајќи житарки и други легуменози (грав, леќа) го храните  организмот со витамини од Б групата и со здрави влакна.

Почесто јадете свежи, сирови овошја и зеленчуци, а  за да се зачуваат хранливите состојки, пред се витамините и антиоксидантите, подготвувајте  ја храната непосредно пред  конзумирање, на пониски температури и  за пократко време.

Балансирана исхрана со секојдневен внес на свежо овошје, зеленчук, житарки, протеини и здрави масти  или  земање на соодветни суплементи обезбедуваат не само добар вид и здрави очи туку имаат позитивно влијание на целиот организам.

Олгица Мартиновска, магистер по фармација

Текстот е објавен во летното издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“