Блог

ВИТРЕКТОМИЈА - МИКРОХИРУРГИЈА ШТО ГО ЗАЧУВУВА ВИДОТ

Што е витректомија?

Витректомија е тип на операција на окото со која се третираат проблемите на ретината (мрежницата, задниот дел на окото) и витреусот (стаклестото тело, желатинозна супстанца со која е исполнет најголем дел од окото). При оваа операција хирургот го отстранува најголемиот дел од витреусот и го заменува со друг вид на раствор.

Зошто се прави?

За да можеме да гледаме, светлината треба да помине низ окото и да стигне до ретината (задниот дел од окото), која е составена од нервни клетки и влакна кои се осетливи на светлина и ја пренесуваат информацијата до мозокот со цел да се формира слика од она што го гледаме.

Различни болести можат да предизвикаат заматување на течноста на витреусот, појава на крв, остатоци од воспаление (гној, мембрани) или пак сврзно (ожилно) ткиво на ретината. Тоа ја оневозможува светлината да дојде до ретината и предизвикува проблеми и намалување на видот. Отстранувањето на ваквиот заматен витреус може да го реши или подобри проблемот со видот.

Понекогаш ретината заради појава на дупки (руптури) се одвојува од ткивото кое ја опкружува и кое служи како нејзина подлога, при што доаѓа до нагло губење на видот. Во овој случај хирургот со витректомија може да стигне до ретината, да ја поправи и да ја врати во првобитна положба.

Кои болести на очите се третираат со витректомија?
· Крварење во витреусот - најчесто како последица на оштетување на крвните садови на ретината заради дијабет, нерегулиран крвен притисок или тромбоза;
· Одлепување на ретината (аблација) – најчесто последица на дијабетична ретинопатија, дегенеративни промени на ретината или повреда на окото;
· Инфекција или воспаление на задниот дел на окото;
· Оштетувања на центарот за вид (макулата, жолтата точка) – појава на набори (мембрани) или отвор (макуларна дупка);
· Тешки повреди на окото;
· Компликации после операција на катаракта.

Што треба да се направи пред операцијата?

Вашиот офталмолог ќе ви каже што точно треба да направите како припрема пред операцијата:
· Кои лабораториски анализи треба да ги направите;
· Дали некои од лековите кои редовно ги примате треба да ги прекинете;
· Дали треба да бидете гладни/жедни на денот на операцијата;
· Каква анестезија ќе биде употребена;
· Колку долго се очекува да трае операцијата.

Пред операцијата ќе ви биде направен детален очен преглед. Ќе бидат ставени капки за ширење на зениците и ќе бидат направени дополнителни анализи со цел да се направи точна проценка на состојбата на окото: ехографија, оптичка кохерентна томографија (OCT), биометрија и др.

Што се случува во тек на операцијата?

Витректомијата може да трае околу 1-2 часа, во зависност од тежината на состојбата која се третира. Таа може да биде само една во серијата на процедури за поправка на одреден проблем на окото. Обично се работи во локална анестезија со капки за очи и инјекции околу окото, при што во тек на операцијата ќе бидете свесни. Во ретки случаи може да се работи и во целосна (општа) анестезија.

Во тек на операцијата хирургот прави мали отвори (помали од 1 mm) на белката на окото. Низ нив со микро-инструменти пристапува во внатрешноста на окото и со ендоскопска метода, со помош на микроскоп го отстранува витреусот, ги чисти страните супстанци (крв, воспалителен материјал, мембрани, сврзно ткиво) од витреусот и ретината. Многу често ендоскопски прави ласерски третман на ретината со цел да се спречат подоцнежни компликации. Исто така, во некои случаи, во зависност од состојбата, во исто време се прави и операција на перде/катаракта, односно природната леќа на окото се заменува со вештачка леќа. Потоа внатрешноста на окото се исполнува со течност, гас или силиконско масло во зависност од потребата. Доколку биде употребено силиконско масло, после неколку месеци ќе треба да биде направена уште една (пократка) операција за да се отстрани истото. На крајот од операцијата понекогаш се ставаат конци, иако тоа во денешно време е реткост. Потоа во окото се става антибиотска маст и окото се преврзува со газа (оклудер).

Како тече опоравувањето?

Витректомијата е еднодневна хирургија, што значи дека истиот ден, после неколку часа од операцијата, ќе бидете слободни да си одите дома. Докторот ќе ви препише терапија (капки и масти) кои ќе треба редовно да ги ставате во окото со цел да се спречи појава на инфекција. Ќе ви бодат препишани и аналгетици доколку чувствувате некаква болка дента после операцијата. Првиот контролен преглед ќе биде направен уште наредниот ден, кога ќе ви биде објаснето околу хигиената на окото и ограничувањата во тек на првиот месец после операцијата и ќе бидат закажани и натамошни контроли.

Кои се ризиците од операцијата?

Во прв ред, целта на оваа интервенција е да се подобри видот, да се спречи понатамошното намалување на видот и појавата на други проблеми и компликации. Виктректомијата како операција обично успешно се завршува и ретко се јавуваат компликации. Исходот од операција во однос на сочувување или подобрување на видот пред се зависи од состојбата во која се наоѓало око пред операција и кои постапки требало да бидат превземени за да се поправи состојбата. Сепак, како и за секоја операција, и за оваа постојат ризици и можни компликации.
После витректомија постои можност да се појави:
· Катаракта/перде (доколку не било претходно отстрането);
· Покачен очен притисок;
· Повторно крварење во окото;
· Одлепување на ретината;
· Инфекција.

Кога треба да се јавите итно на вашиот лекар после витректомија?

· Доколку нагло се намали видот;
· Ако се јави јака болка, оток или црвенило околу окото;
· Ако се појави секрет од окото;
· Доколку во видното поле се јават темни сенки или одблесоци од светлина.

Сите овие можат да бидат знак за појава на посериозни проблеми кои офталмологот треба да ги прегледа и доколку има потреба навремено да ги третира со цел да се сочува видот.