Блог

Д-Р ЃОРЃИОСКИ: АМЕБЕН КЕРАТИТИС

Амебен кератитис (во стручна литература познат под име Acanthamoeba keratitis) e ретка, но сериозна воспалителна болест на рожницата на окото која може да доведе до сериозни последици и слепило, а највеќе ги погодува луѓето кои носат контактни леќи. Во летните денови треба да се знае дека пливачите кои се носители на контактни леќи се најризична група за добивање на ова заболување (доколку се капат со контактните леќи).

Што се акантамеби?
Акантамеби се ситни едноклеточни праживотни кои воглавно се наоѓаат во водениот систем на дивиот свет.
 Нивните главни живеалишта се езерата реките и морињата, иако се сé позачестени жители на базените и тушевите па дури и водата од чешма. Исто така ги пронаоѓаме во земјата, воздухот како и во уредите за греење, климатизација, прочистување и овлажнување на воздухот. Акантамебите со кератитисот се прв пат доведени во врска во 1973 год. кога меѓу заболените повеќе од 90% биле корисници на контактни леќи. Освен воспаление на рожницата, инфекцијата со акантамеба може да се манифестира и во потешки облици како што е зафатеност на мозокот, рбетниот мозок, како и појава на дисеминиран – проширен облик на болеста со зафатеност на повеќе органи и системи. Иако е самата болест ретка, акантамебата во облик на циста може да преживее со години во екстремни услови на околината (кога акантамебата се најде во неповолни услови како високи температури или суши таа преоѓа во цистичен облик за да се заштити самата себе, за да потоа кога ќе се најде во поволни услови да прејде во активен облик), поради што тој ризик не смее да се потцени.   

Начин на зараза и симптоми на болеста

Иако и луѓето кои не носат контактни леќи можат да се заразат со акантамеба, сепак инфекцијата најчесто се поврзува со носителите на контактни леќи. Имено секоја леќа предизвикува благо оштетување на епителот на рожницата, па поради тоа доколку не се чисти редовно, голем број на причинители ( а меѓу нив и овој мал паразит ) може да продре во окото. Во најголема опасност се лицата кои се капат или тушираат со контактните леќи, но и оние кои ја занемаруваат хигиената на контактните леќи. Некои лица едноставно се опуштаат и не ги вадат или менуваат редовно контактните леќи, а посебен проблем настанува кога растворот за чистење и чување на контактните леќи се замени со обична вода од чешма. Во раните стадиуми на инфекцијата, клиничката слика на амебниот кератитис не е многу различна од обичните инфекции на очите. Симптомите кои можат да траат од неколку недели до месеци, воглавно се разликуваат од пациент до пациент и можат да вклучуваат болка, црвенило, замаглен вид, осет на страно тело во окото, преосетливост на светло и појачано солзење. Нелечен амебен кератитис може да доведе до тешка болка во окото и до потенцијално губење на видот, кое за жал се случува во голем број на случаите. Имено во обичен бактериолошки брис од очите, акантамебата не може да се открие, а поради сличноста на симптомите со другите воспаленија на окото во почетокот често се дава несоодветна терапија.

Дијагноза и терапија

Раната дијагноза е клучна за правилно лечење на амебниот кератитис.
 Прв чекор е сомневање на таа болест, посебно кај лица кои се носители на контактни леќи и кај кои е неодамна дијагностициран некој друг облик на кератитис (како вирусен кератитис или предизвикан од херпес), а кај кои препишаната терапија нема никакво влијание. За да се докаже акантамебата се зема брис од окото со стругање (scarping) на рожницата, а потоа материјалот се засадува на хранлива подлога која содржи Escherichiaа coli која и служи на акантамебата како храна. Во дијагностиката може да помогне и конфокалната микроскопија како и ланчаната реакција на полимераза (PCR). Терапијата на амебниот кератитис е долготрајна и често со неизвесен исход заради отпорната природа на цистичниот облик на паразитот. Денес се советува примена на локални катјонски антисептични средства како што се poliheksametilen bigvanid или hlorheksidin, со заедничко користење на препарати за смалување на болка (најчесто орални нестероидни антиреуматици). Самата терапија се продолжува и до година дена, а првите неколку месеци неретко е потребно да се користат капките за очи на секој час.  За жал и покрај лекувањето, поради закаснетото поставување на точната дијагноза често доаѓа до губиток на видот, кога  единствен начин на лекување преостанува трансплантација на рожница.   Мерки на претпазливост кои се препорачуваат на носителите на контактни леќи за да се смали ризикот од појава на амебен кератитис (но и на другите инфекции на окото) се следните: o    Редовни прегледи кај офталмолог на секои 6 – 12 месеци. o    Користење и замена на контактните леќи точно спрема распоредот пропишан од офталмологот. o    За време на носење на контактните леќи да се избегнува секаков контакт со вода (миење, бањање или туширање), а во случај леќите да се нужни во текот на бавење со водени спортови, задолжително се препорачуваат наочари за пливање или примена на еднодневни контактни леќи кои се фрлаат по излегување од вода.
- Пред ракување со контактните леќи задолжително треба да се измијат рацете со сапун и вода и добро да се исушат.
- Чистењето на котактните леќи треба да се одвива према упатите на производителот и по препораката од офталмологот.
- Секогаш треба да се користи свеж раствор за чистење и дезинфекција на контактните леќи.
- Контактните леќи треба да се чуваат во прикладни касетки, кои редовно треба да се чистат со стерилен раствор за чување и добро да се исушат на воздух. Касетките е препорачливо да се заменат на секои три месеци.

д-р Сашо Ѓорѓиоски
Текстот е објавен во летното издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“