Блог

ПРОЛЕТНИ АЛЕРГИИ НА ОЧИТЕ

Пролетта е веќе пред нас, а промената на сезоната носи со себе и ветување за поубаво време и нови почетоци. Но, новите растенија кои се појавуваат секоја пролет можат да бидат причина за појава на сезонски алергии на очите кои можат да предизвикаат конгестија, главоболки, чешање и отоци на очите. Конјунктивитот е една од највообичаените и најчесто третираните очни болести кај деца и возрасни. „Црвеното око“ како што често се нарекува, претставува воспаление на конјунктивата, која е провидната мембрана која ја препокрива внатрешната страна на капаците и белката на окото и ја одржува влажноста на окото.

Вируси,бактерии, иритирачки супстанци (шампони, прашина, чад, хлор од базени..) или различни алергени (полен, спори од мувли и др.) можат да предизвикаат конјунктивит. Црвеното око предизвикано од вируси и бактерии може лесно да се пренесе од човек на човек, но не претставува сериозен здравствен ризик, ако се дијагностицира навремено, додека алергискиот конјунктивит не е заразен. Заради тоа, важно е навреме да се открие дали конјунктивитот е предизвикан од алергии или инфекција, бидејќи секоја од овие состојби има различен третман.

Кои се симптомите на алергиско црвено око?

- Црвенило на белката или на внатрешната страна на капаците;
- Зголемено солзење;
- Чешање на очите (честопати и на носот и кивање);
- Оток на капаците;
- Нагласени/ темни подочници.

Овие симптоми се обично присутни на двете очи, иако не во иста мерка.

Како се третира сезонската алергија на очите?

Црвеното око предизвикано од алергија може целосно да исчезне доколку алергијата се третира со лекови/ капки или ако се отстрани алергенот. Значи, прва линија на третман е отстранување на алергенот, што може да вклучува на пример носење капа надвор или често миење на лицето.

Вашиот очен лекар пак може да ви предложи некои од следниве лекови:

- Очни деконгестиви: капки кои го намалуваат црвенилото преку стеснување на малите крвни садови во очите. Тие не се препорачливи за долготрајна употреба и всушност нивното користење подолго од неколку дена може и да ги влоши симптомите;
- Очни антихистаминици: капки кои го намалуваат црвенилото, чешањето и отокот преку блокирање на дејството на хистаминот, главната супстанца која ги предизвикува симптомите на алергија.
- Очни лубриканти: луѓето со алергиски конјунктивит обично имаат недоволно производство на солзи, што бсушност ги влошува симптомите. Користењето на капки – вештачки солзи (дури и на секој час по потреба) може значително да ги олесни симптомите.
- Очни стероиди: кога другите медикаменти не помагаат, офталмологот може да препише кортикостероидни капки за да се олеснат симптомите и да се спречи појава на компликации. Но, тое мора да се употребуваат само под надзор на лекар, бидејќи можат да го покачат очниот притисок или пак да доведат до заматување на леќата (катаракта) при подолготрајна употреба.
- Системски (орални) верзии на горе споменатите лекови: таблети, кои се даваат во многу тешки случаи, кои не реагираат на локалната терапија со капки.

Како можат да се олеснат симптомите на алергиско црвено око?

- Отстранете ги контактните леќи, ако носите;
- Ставете ладни компреси врз очите;
- Користете често капки – вештачки солзи;
- Носете очила за сонце;
- Обидете се да ги избегнувате супстанците кои ги предизвикуваат вашите алергии;
- Посетете специјалист за алергии, кој ќе направи соодветни тестови со цел да се откријат супстанците на кои сте алергични.

Неколку совети за алергиско црвено око:

- Не ги допирајте и тријте очите;
- Мијте ги често рацете со сапун и млака вода;
- Перете ги често постелнината и пешкирите со жешка вода и детергент за да се редуцираат алергените;
- Избегнувајте нанесување на шминка блиску до рабовите на капаците;
- Не користете шминка од друго лице;
- Користете наочари наместо контактни леќи за да се намали иритацијата;
- Никогаш не носете контактни леќи од друго лице;
- Убаво измијте ги рацете пред да ставате лекови (капки или масти) во очите;
- Не користете капки кои сте ги ставале на инфицирано око, во другото неинфицирано око;
- Доколку почувствувате промени во видот, чувство на страно тело во окото или акутна болка, веднаш закажете преглед кај очен лекар.


д-р Билјана Ивановска Аџиевска

Текстот е објавен во летното издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“