Блог

КЕРАТОКОНУС – РЕТКА ПРИЧИНА ЗА НАМАЛЕН ВИД КАЈ МЛАДИ ЛУЃЕ

Што е кератоконус?

Како што може да се заклучи и од самото име, кератоконус претставува заболување на корнеата (керато) каде настанува истенчување на нејзините слоеви, а во напреднатите стадиуми, целата корнеа добива изглед на „конус“.

Од досега направените истражувања, највеќе во САД, е смета дека зафаќа 1 на 2000 луѓе. За жал, кератоконусот е заболување на млади луѓе, кое најчесто започнува во пубертет, а прогресира во триесетите години.

На кој начин влијае на видот?


Корнеата (рожница) е предниот проѕирен дел на окото, кој има наголема прекршувачка моќ од сите слоеви на окото, односно најголем дел од диоптриската моќ на окото доаѓа од корнеата, па од таму и дека нарушувањата на корнеата, без разлика дали се работи за нејзината прекршувачка моќ или е нарушена нејзината провидност, се едни од главните причини за намалување на видот во сите возрасти.

Причината за кератоконус сеуште не е разјаснета, иако се смета дека постои предизпозиција уште од раѓање, а една од причините која се спомнува во литературата е често триење на очите од детска возраст, најчесто заради алергија на очите. Во секој случај настанува губење на колагенот во корнеата, кој пак е главната структура на стромата на корнеата, а понатаму од таа причина настанува истенчување по цела дебелина.

Дали постојат ризик фактори?

Како ризик фактори во литературата се споменуваат: генетските фактори, односно фамилијарната историја за кератоконус, а може да се јави и во склоп на системски нарушувувања, на пример Даунов синдорм.

Друг ризик фактор се хроничните воспаленија на окото, кои може да допринесат за деструкција на колагенското ткиво. Честото триење на очите, кое веќе го споменавме, се смета дека допридонесува до ослободување на ензими – колагенази,  кои го разградуваат колагенот. Како ризик фактор е и возраста, односно се јавува кај млади пацеинти, адолесценти, напредува до триесетите години и потоа стагнира.

Кои се симптомите?

Најчесто на почеток пациентите се асимптоматски, а како ран симптом може да биде заматување на видот или константно „нејасен“ вид и покрај променетите очила. Обично тоа се луѓе кои носат минус диоптрија и каде и покрај покачената диоптрија на последните прегледи, видот сепак останува заматен. Пациентите имаат и потешкотија за гледање навечер, како и халоа околу извори на светлина. Многу се сензитивни на светлина, особено на силна светлост, како сонце или светилка. Понекогаш може да чувствуваат иритација на очите и блага болка.

д-р Маја Иванова Цеков
Специјална очна болница „Деница“