По повод светскиот ден на дијабетот, на 14.11.2019 година (четврток), од  12 до 15 часот, во просторот на ВИА Фарм аптека број 7, на ул. 7 Ноември 128, Охрид,  д-р Сашо Ѓорѓиоски, офталмолог хирург од Специјалната очна болница „Деница“ ќе одржи презентација проследена со совети за влијанието на дијабетот врз очното здравје.

Светскиот ден на дијабетот за прв пат се одбележува во 1991 година како одговор на зголемената загриженост од растот на овој здравствен предизвик кај луѓето во светот. Во 2006 година, пак, со усвојувањето на резолуцијата 61/225, Обединетите нации го прогласуваат за официјален ден и истиот го одбележуваат секоја година на 14 ноември, роденденот на сер Фредерик Бантинг кој заедно со Чарлс Бест, во 1922 година, го откриваат инсулинот. Оваа година Светскиот ден на дијабетот се организира под мотото: „дијабет – препознај ги знаците, заштити го семејството“.

Специјалната очна болница „Деница“ и ВИА фарм аптеки како општествено одговорни субјекти, во континуитет спроведуваат најразлични едукативни настани што имаат за цел да придонесат за унапредување на свесноста на граѓаните за поголема здравствена грижа.