д-р Виолета Бучкоска спаѓа во онаа група докажани и признаени професионалци кои секојдневно ги издигнуваат вкупните здравствени стандарди, приближувајќи му ги на македонскиот пациент последните и најсовремени трендови во областа на офталмологијата.
Нејзината меѓународно верификувана експертиза во очната хирургија буди чувство на гордост кај секој од нас дека нашата земја, освен во некои други сегменти, има со што да се претстави пред светот и во оваа област.
Д-р Бучкоска, својата децениска офталмолошка кариера ја започнува во 1990 година на Универзитетската очна клиника во Скопје, од 2010 до 2017 година е дел од Болницата Систина Офатлмологија, а од 2017 година до денес таа e предводник на тимот офталмолози во Специјалната очна болница „Деница“ лоцирана во населбата Карпош, каде ја извршува и функцијата медицински директор.
Област од посебен интерес на д-р Бучкоска е хирургијата на катаракта, хируршките третмани на аблација на ретината, витреоретиналната хирургија, ласерскиот третман на дијабетична ретинопатија и периферните дегенерации на ретина, како и окулопластиката.
1. Природно е со текот на годините да се јават проблеми со видот. Доколку не се работи за наследни или други фактори, на што треба најмногу да се внимава за да се зачува видот?
Окото ни служи за гледање и тоа е создадено за таа единствена функција, а и не е потребно да се штеди. Современиот начин на живот и функционирање, ни налага премногу напрегање и помалку одморање на очите, особено кога сме пред мониторот, телефонот и таблетите. Без овие направи не може да се замисли нашето функционирање во денешно време, но моја препорака, а верувам и на секој офталмолог е умереност во користењето на мониторите доколку е можно, потоа што повеќе шетање во природа на отворено и секако избалансирана витаминско минерална исхрана во согласност со возраста. Овој пристап ќе овозможи правилен раст и развиток на организмот кај децата, а истовремено и превенција од дегенеративни заболувања кај возрасните. Секако тука спаѓаат и редовните офталмолошки контроли сѐ со цел навреме да се открие и превенира одредена состојба или заболување на очите.
2. Што се подразбира под т.н. „перде на очите“, односно катарактата?
Нормалната функција на очната леќа е да ја пропушта и фокусира светлината така да може да се гледаат јасни и чисти слики на набљудуваните објекти. Кога ќе се појави катаракта, леќите на очите се заматуваат, како резултат на што квалитетот на видот се влошува. Со појавата на катарактата постепено се намалува количеството на светлина која влегува во окото и пациентот може да почуствува некои или сите од следниве симптоми: замаглен вид; побледи бои; потреба за често менување на очилата; визуелни проблеми со светлината, како на пример одблесок или отсјај. Во повеќето случаи катарактата е последица на промени поврзани со стареењето на леќата, но таа може да се појави и кај помлади луѓе поради различни причини вклучувајќи: траума или повреди на окото; поради друг оперативен зафат на окото; заболувања како дијабет и глауком; поради долго воспаление на окото, продолжено користење на кортикостероиди… Дијагнозата е едноставна и се поставува со едноставен офталмолошки преглед на широка зеница при што се поставува дијагнозата за типот на катарактата со што и се овозможува планирање на понатамошниот пристап за нејзино отстранување. Оваа хируршка процедура, која со успех ја изведуваме, се реализира на хируршки начин со локална анестезија за сосема кратко време и на еден крајно безболен начин. Инаку, катарактата се смета дека претставува една од најчестите хируршки процедури на предниот очен сегмент.
3. Еден од поспецифичните зафати во офталмологијата е третманот на задниот сегмент на окото, што е ваша специјалност. Кажете ни за каков здравствен проблем станува збор и како се дијагностицира.
Тоа е едно широко поле кое опфаќа поголем број на заболувања на задниот сегмент на окото. Би ги издвоилa најчестите како што се крварењата во стаклестото тело, најчесто како последица од дијабетична ретинопатија, односно оштетувања на крвните садови како последица на нерегулиран дијабет. Потоа тука се одлепувањата на ретината кои се најчесто последица на периферни руптури настанати од дегенеративни промени на ретината, или пак од воспалителни промени на средниот очен сегмент. Дегенеративните промени на точката на јасен вид кои се поврзани со возраста се јавуваат во две форми, едната е сува форма доведува до постепено намалување на видот, а другата е влажната форма и доведува до побрзо намалување на централниот вид. Воспалителни процеси на очниот нерв исто така доведуваат до нагло намалување на видот. Туморозните процеси кои најчесто се јавуваат на средниот дел на окото т.н. увеа, потоа васкулопатиите кои се јавуваат најчесто во склоп на одредени системски заболувања и т.н. Дијагностицирањето на сите овие заболувања започнува со офталмолошки преглед на задниот сегмент со лупа на широка зеница. Прегледот се продлабочува со одредени дополнителни испитувања како што се ехографијата која е неопходна доколку се заматени структурите на предниот сегмент и стаклестото тело на окото па не ни дозволува увид во задниот сегмент/. ОЦТ или оптичка кохерентна томографија која е софистицирана имиџинг метода со која добиваме увид во анатомската градба на ретината на точката за јасен вид или главата на оптичкиот нерв и на тој начин добиваме увид во кој дел на ретината ни е патолошкиот процес. Флуресцинската ангиографија со која со помош на вбризгување на контраст во вена добиваме увид во крвните садови на ретината, односно во оштетувањата и локацијата на иститите.
4. Очната болница „Деница“, работи веќе три години, период во кој оваа установа се етаблира како проверен партнер во кој пациентите имаат доверба. Како гледате на работата на болницата до сега?
Доколку имате одговорен, професионален, а притоа и хуман пристап кон пациентите, како што го има нашата болница, тие ќе ви вратат со доверба. Наш приоритет е високиот квалитет на услугите кои ги даваме. Не случајно се вели дека по губењето на животот, најтешко е губењето на видот. Затоа, нашиот тим, со голема сериозност и посветеност му приоѓа на секој пациент, притоа комбинирајќи го нашето искуство и светските протоколи за третирање на очните болести.
5. Медицината се развива со огромна брзина. Колку и како очната болница „Деница“ ги следи трендовите и какви се нејзините развојни планови?
Трендовите ги следиме со редовни посети на регионални и светски симпозиуми и конгреси, но и со директен личен контакт со еминентни офталмолози во одредени субспецијалности, како заради размена на искуства, така и при решавање на диференцијално дијагностички дилеми во одредени случаи. Иднината на болницата ја гледаме во проширување на човечките и технички ресурси, а со тоа и збогатување на палетата на услуги кои ги нудиме.
6. Жителите на општина Карпош имаат поволности на услугите во Очната болница „Деница“.
Да. Како општествено одговорен субјект, секогаш настојуваме да излеземе во пресрет на разни иницијативи, вклучувајќи ја и акцијата на општината Карпош со реализацијата на проектот „Мој Карпош“. Имено, „Деница“ уште во 2019 година, со стартот на овој проект им овозможи на жителите на Општината попуст од 5% на сите хируршки интервенции што се изведуваат во нашата болница. Особено задоволство ми претставува оваа соработка, затоа што детството и младоста ги поминав во Тафталиџе, па лично ме врзуваат убави спомени со овој дел од градот.
7. Кои совети би им ги дале на нашите читатели за да го сочуваат и да го унапредат видот?
Посетувајте барем еднаш годишно офталмолог како превентивна мерка. Препорачувам одмарање на очите од континуирано гледање во екрани кои зрачат со сина светлина, подесете ги така што би се намалила светлината на истите и секако добро е да се носат очила кои ги одбиваат овие зраци. Би напоменала дека постојат и интраокуларни леќи кои се вградуваат наместо природната леќа при перде на очите кои содржат син филтер како заштита од сина светлина. Советувам и чести паузи од гледање во екрани бидејки се јавува чувство на суво око поради намаленото трепкање при гледањето во екраните. Секако тука се и прошетките на отворено кога е чист воздухот затоа што тие помагаат во одржувањето на здравјето на целиот организам вклучително и на очите.