Интравитреалните инјекции, во денешно време, се едни од најчестите интервенции на окото, кои се извршуваат ширум светот, при што бројот на овие интервенции постојано расте. Се смета дека само во САД во 2016 год. се ставени повеќе од 6 милиони интравитреални инјекции и таа бројка со годините рапидно се зголемува. Од нивното појавување пред околу 10 години до денес, тие станаа основа за лекување на бројни очни заболувања, посебно на болестите на задниот дел на окото (ретината).

Најчести заболувања, каде интравитреалните инјекции претставуваат основна терапија, согласно современите ставови и препораки се: сенилната макуларна дегенерација, дијабетичната ретинопатија и ретиналните венски оклузии. Воедно, овие болести претставуваат и водечки причини за слепило кај лица постари од 50 год. Пред појавата на овие инјекции, посебно на групата на лекови т.н. анти-VEGF агенси, не постоеше целна терапија со која што можеше да се запре влошувањето на видот кај овие пациенти, при што честопати болеста завршување со губење на видот на едното или на двете очи. Со појавата на оваа нова терапија, стана возможно не само да се спречи намалувањето на видот, туку во многу случаи и да се добие подобрување на видната острина кај очи со овие заболувања. Покрај претходно споменатите, овие инјекции се употребуваат и кај многу други состојби: тешки инфекции и воспаленија на окото (ендофталмити, увеити), одредени типови на глауком, дури и кај предвремено родени бебиња со промени на ретината (прематурна ретинопатија).

Интравитреалната инјекција е процедура со која дирекно се аплицира лек во внатрешноста на окото, во витреалната празнина, која е исполнета со желатинозна течност. Целта на овие инјекции е лекот да може директно да делува на задниот дел на окото, односно на макулата (жолтата дамка на ретината), која претставува центар за јасно гледање и на тој начин да доведат до стабилизирање на состојбата и подобрување на видната острина. Најчести лекови кои се употребуваат за таа цел се т.н. аnti-VEGF агенси, кои го намалуваат пропуштањето на течност и крв од крвните садови, го намалуваат отокот во макулата и спречуваат раст на нови крвни садови, што претставува основна причина за намалување на видот кај овие болести. Освен нив, во внатрешноста на окото можат да се аплицираат и кортикостероиди, антибиотици, антивирусни лекови и др. во зависност од потребата и причинителот на заболувањето.

Интравитреалните инјекции се аплицираат од страна на високо стручни лица – офталмолози, специјалисти за болести на ретина, во болнички услови. Интервенцијата се изведува во операциона сала во стерилни услови. Пред ставањето на инјекцијата, во окото се аплицираат капки со цел да не се чувствува болка. Лековите се аплицираат со многу мала игла низ белката на окото, при што пациентот може да почувствува притисок на окото, но не и болка. Целата процедура заедно со припремата трае околу 10 минути, после што пациентот е слободен веднаш да си оди. После интервенцијата пациентот ќе треба да користи антибиотски капки, најчесто во траење од 1 недела, со цел да се спречи појава на компликации (инфекции) на окото. После 1 недела и 1 месец од интервенцијата се извршуваат контролни прегледи со цел да се процени ефектот од инјекцијата и да се направи план за натамошниот третман. Анти-VEGF агенсите обично на почетокот се аплицираат во серија од 3 инјекции на растојание од 6 недели, со цел да се постигне одредена концентрација на лекот во окото (loading dose), што според досега спроведените истражувања е најоптимален начин за подолгорочно стабилизирање на видната острина. Натамошни инјекции се даваат зависно од потребата, земајќи ги во предвид видната острина и наодот на очното дно. За таа цел, покрај основниот преглед, најчесто треба да се направат и дополнителни испитувања: OCT (оптичка кохерентна томографија) и флуоресцинска или OCT aнгиографија на ретината.

Кај хроничните болести, како што се макуларната дегенерација, дијабетичниот макуларен едем и ретиналните венски оклузии некогаш се потребни чести контроли и повторни инјекции со цел да се спречи намалувањето на видната острина. Во денешно време се спроведуваат бројни студии со цел да се изнајдат нови лекови, кои ќе имаат подолготрајно и поефикасно дејство со цел зачувување на видот кај овие пациенти.

д-р Билјана Ивановска Аџиевска
Текстот е објавен во есенското издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“