Според американските офталмолози, децата што поминуваат многу време во затворен простор пред компјутерите и другите електронски уреди, се изложени на поголем ризик од развој на кратковидост (миопија). Патем, на глобално ниво бројот на млади луѓе што страдаат од миопија е скоро двојно зголемен во последните 50 години.

Се смета дека зголемувањето на бројот на луѓе со кратковидост (миопијата) е резултат на:
– Прво, прекумерното време поминато во близина на електронските уреди и
– Второ, намалувањето на времето кое се поминува на отворен простор со природна светлина.

За жал, сведоци сме дека, во последните 10 години, децата поминуваат сé повеќе време во своите домови окупирани со мобилните телефони, таблетите и компјутерите. Особено опасно за видот е играњето на игри, гледањето на видео содржини, како и читањето на вакви уреди, бидејќи, на тој начин, очите на децата се многу блиску до тие уреди, при многу слаба осветленост на просторијата.

Се разбира, секој може да биде кратковид, но кратковидоста е почеста кај деца чии родители се, исто така, кратковиди. Освен тоа, кратковидоста е многу почеста во индустријализираните и урбаните области отколку во руралните области.

Околу 42% од луѓето во целиот свет на возраст помеѓу 12 и 54 години се кратковиди.

Иако миопијата не е реверзибилна, па дури и незапирлива, нејзината прогресија сепак може да се забави преку постојано носење на корекционите наочари или контактните леќи, како и преку редовни офталмолошки прегледи. Постојат и одредени вежби на очните мускули кои се прават со цел да се релаксира окото од напрегнатоста на очната мускулатура при гледање на близина. Последното,  поради една теорија која кажува дека причина за растот на кратковидоста е притисокот што го вршат очните мускули на окото при работа на близина.

Се препорачува децата што поминуваат многу време пред компјутер или други електронски уреди да направат пауза од 20 секунди на секои 20 минути, при што ќе гледаат во далечен предмет.

д-р Сашо Ѓорѓиоски
Специјална очна болница „Деница“