Стаклестото тело е хомогена, транспарентна, безбојна маса во состојба на колоиден гел. Предниот дел е ограничен со леќата, зонулите на ZInni и цилијарното тело, а во задниот дел со ретината (мрежницата). На предната страна има вдлабнатина (fossa patellaris s. hyloidea) во која лежи задниот дел на леќата. Задниот дел лежи на мрежницата со која е цврсто прицврстен само во пределот на назбената линија (orra serata) и на папилата на очниот  нерв. Поголемиот дел од стаклестото тело се состои од вода, 98-99%, а остатокот се органски материи и електролити, како и колагенски влакна, хијалуронска киселина и други протеини. Во стаклестото тело нема крвни садови или нерви.

Улогата на стакленото тело е да обезбеди облик на очното јаболко, цврста потпора со внатрешните слоеви на окото и транспорт на кислород од крвните садови на задниот дел од окото до неговите предни делови.

Кај младите луѓе, стакленото тело е целосно транспарентно. Во текот на животот, кај некои луѓе порано, а кај некои луѓе покасно се појавуваат физиолошки заматувања кај народот познати како “мушички” (лат. Muscae volitantes, floaters). Ова се заматувања во различни форми (како подвижни траки, кончиња, мушички, пајачиња итн.), најдобро воочливи кога се гледа кон светла позадина (бел ѕид, небо, вода…). Овие заматувања не се третираат, тие не претставуваат закана за нашиот вид, и со текот на времето нашиот мозок се навикнува на нивното постојано присуство во видното поле и почнува да ги игнорира.

Меѓутоа, неретко се случува замаглувањата на стакленото тело да се знак на сериозни очни болести како што се воспаление, одвојувања на слоевите на очното јаболко или аблација (одлепување) на мрежницата (на оваа по видот опасна појава понекогаш и претходат трепкање на светлината како молња или фина промена во видното поле во вид на чад или расфрлани точки, кои се предупредувачки знаци). Матнините на стаклестото тело исто така може да бидат знак на крварење и повреди во внатрешноста на окото, болести на крвните садови на окото, а исто така може да бидат резултат на болести на други органи како што се дијабетес и нерегулиран висок крвен притисок, крвни болести, таложење на патолошки или акумулирани нормални крвни молекули.

Ако видите зголемувања на бројот на лебдечките честички, понекогаш придружени со светлосни трепкања и заблеснувања, треба веднаш да побарате офталмолошки преглед.

Што предизвикува светлосни трепкања и заблеснувања?

Обично, светлината што влегува во окото ја стимулира мрежницата. Ова создава електричен импулс, кој се пренесува преку очниот нерв кон мозокот. Тогаш мозокот го толкува овој импулс како светлина или некој вид на слика.

Ако мрежницата е механички стимулирана (физички допир), сличен електричен импулс се испраќа до мозокот. Овој импулс потоа се толкува како “треперење” на светлината.

Некои луѓе имаат трепкачки светла што се појавуваат како назабени линии или “топлински удари” во двете очи, често во траење 10-20 минути. Овие типови заблеснувања обично се предизвикани од грч (спазам) на крвните садови во мозокот, кој се нарекува мигрена.

Ненадејната појава на овие симптоми може да значи дека стаклестото тело во некој свој дел повлекува дел од мрежницата и може да доведе до појава на раскин или руптура во тој дел на мрежницата. Ако дојде до руптура, т.е. до раскин на мрежницата, стаклестото тело може да влезе во отворот и да доведе до одвојување, односно до ретинална аблација.

Во случај на аблација на мрежницата, треба да се делува што е можно побрзо, за да може офталмохирургот да ја врати ретината назад во првобитна положба и да воспостави видлива функција, бидејќи во спротивно може да се појави целосна и неповратна загуба на видот.

Сериозни состојби поврзани со лебдечките честички вклучуваат:

– аблација на ретината;
– расцепи на мрежницата;
– крварење во стаклестото тело;
– воспаление на стаклестото тело или мрежницата предизвикано од инфекција или автоимуна состојба, како и
– тумор на окото.

Веднаш контактирајте со офталмолог во овие случаи:

– нагло зголемување на бројот на лебдечките честички;
– заблеснувања;
– губиток на периферниот вид;
– лебдечки честички кои се јавуваат по операција на очите или повреда на очите, како и
– болка во очите.

Дијагноза

Појавата на мушички и заблеснувања, трепкања или светлечки сензации во окото бара задолжително офталмолошко испитување. Лекарот офталмолог на раширени зеници ќе го испита очното дно со помош на посебни лупи за испитување на ретиналната периферија, а доколку е потребно се прави и ултразвучен преглед на окото, како и дополнителни анализи и испитувања се со цел да се докаже или исклучи ретинална руптура или аблација – одлепување на мрежницата.

Третман на лебдечки честички

Повеќето лебдечки честички, т.е. оpacitates се безопасни и само непријатни. Можеби ќе исчезнат со текот на времето или ќе станат помалку здодевни.

Понекогаш, луѓето се заинтересирани за оперативен третман за отстранување на заматувањата (опацитетите), но таква операција може да се прави само во ретки случаи кога видот е сериозно загрозен.

Во овој момент, единствен начин да се расчистат овие заматувања е да се отстрани стаклестото тело како супстанција целосно од окото преку процедура наречена витректомија. Стаклестото тело потоа се заменува со физиолошка течност.

Запомнете дека ненадејното појавување на значителен број очни матнини (опацитети), особено ако се придружени со трепкања, заблеснувања или светлечки сензации, може да укажуваат на аблација, ретинално одвојување или други сериозни проблеми со очите кои бараат итна хируршка постапка.

д-р Сашо Ѓорѓиоски
Текстот е објавен во пролетното издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот брнед „Виа Фарм“