1. Хранете се здраво. Вашата исхрана нека биде богата со зелен лиснат зеленчук, масни риби и школки, јајца, јаткасти плодови и семиња, цитрусни плодови, месо. Нутриентите, како што се омега три масните киселини, зеаксантин, лутеин, бетакаротен, витамин Ц, витамин Е, цинк и.т.н., можат да помогнат при проблемите со видот особено оние што се поврзани со стареењето (макуларна дегенерација, катаракта…). Пијте доволни количини вода за да овозможите доволна хидратација на окото. 
2. Прекинете со пушењето. Овој порок може да доведе до катаракта, па и да предизвика оштетување на оптичкиот нерв. Колку порано се откажете од цигарите, ќе биде толку подобро за вашето целокупно здравје.
3. Носете очила за заштита од штетното дејство на сончевите УВА и УВБ зраци. Преголемо изложување на УВ светлина ги зголемува шансите за појава на катаракта и на макуларна дегенерација.
4. Намалете го гледањето во компјутерските монитори и во телефоните. Со тоа ќе го избегнете заморот на очите, заматениот вид, проблемите при фокусирање на далечина, сувоста во очите, главоболката.
5. Внимавајте на очите при работа со хемикалии, било на работно место или  во домот. Носете соодветна заштита.
6. Редовно контролирајте го нивото на шеќер во крвта. Дијабетот е причина за појава на дијабетична ретинопатија, дијабетичен макуларен едем, катаракта и глауком кои доколку не се третираат навреме може да доведат до губење на видот.
7. Посетете го вашиот офталмолог. Секој има потреба од редовен преглед особено што постојат болести кои немаат симптоми во рана фаза. Не ги заборавајте вашите деца, потребна им е истата грижа. Доколку болестите  се откријат навреме, може полесно и поефикасно да се лекуваат.

д-р Снежана Андревска