Анти-VEGF терапија се користи за лекување на голем број состојби во очите кои предизвикуваат абнормален раст на крвните садови под макуларната зона на мрежницата. Инјекциите со анти-VEGF директно делуваат на васкуларниот ендоген фактор на раст (VEGF) кој се создава од ретината кога е изложена на одредени исхемични процеси. Тоа предизвикува формирање на несакани крвни садови во макулата со цел да самата да си помогне во исхраната, но тие крвни садови се со послаб ѕид и лесно предизвикуваат крварење. Анти-VEGF третманот мора да започне што е можно побрзо, пред новите крвни садови или едемот да предизвикаат премногу оштетување на макулата.

Овој лек делува одреден временски период и мора да се повтори во одредени интервали со цел ефектот да биде целосен. Во случај на прекин на болеста, обично е потребно да се даде доза на одржување еднаш или двапати годишно. Употребата на инјекции кога болеста е во фаза на лузна нема смисла и не се препорачува.  

Анти-VEGF терапија е администрација на лекот во форма на интравитреални инјекции директно во стаклестото тело на заболеното око. Лекот се администрира во болус, одеднаш, а пациентот може да забележи облак или замаглување на лекот како лебди во окото. Апликацијата е безболна под локална анестезија. По апликација на инјекцијата, антибиотик се капнува во окото. Ако лекот ја покаже својата ефикасност, истата инјекција се планира за 4-6 недели. Ако нема ефект врз болеста, препорачливо е да се смени анти VEGF лекот. По инјекцијата, видот може да биде заматен неколку часа или неколку дена. Нема болка или крварење. Можноста за инфекција е многу ретка и се јавува 1: 1000.

Интравитреалното вбризгување на анти-VEGF може да доведе до подобрување на видната острина. Изборот на видот на третманот се одлучува по офталмолошкиот преглед и офталмолошката дијагностика, а тоа зависи од локализацијата на промените, како и проценката на ризикот.

Во моментов, анти-VEGF третман се користи за следниве состојби:
– влажна дегенерација на макулата (влажен AMD);
– дијабетичен едем на макулата;
– макуларен едем предизвикан од оклузија на вена;
– миопична хориоидна неоваскуларизација (миопичен CNV).

Третман на сенилна дегенерација на макулата

Влажниот тип на сенилна дегенерација на макулата се јавува во околу 10% од луѓето со дегенерација на макулата кај кои има значително губење на централниот вид, главно нагло, во рок од неколку дена или недели со карактеристично кривење на сликата. Губењето на видот е предизвикано од раст на новоформирани, неправилни крвни садови (хороидални неоваскуларизација) под мрежницата, што може да крвари или да доведе до оток на жолтaтa точка. Доколку не се лекува оваа форма на дегенерација на макулата, тоа може да доведе до губење на функцијата и лузни во макулата, што доведува до трајно губење на централниот вид.

Влажната форма на сенилна дегенерација може да се третира со анти-VEGF терапија. Целта на третманот е да се уништат што е можно повеќе крвни садови и да се спречи понатамошно крварење и прогресија на губење на видот. Покрај тоа, термичките ефекти на ласерската терапија и фотодинамичката терапија (PDT) исто така го забавуваат текот на болеста, иако помалку ефикасно.

Третман на дијабетична ретинопатија


Нивото на VEGF е познато дека е покачено во стаклестото тело и мрежницата кај пациенти со дијабетична ретинопатија. VEGF ја зголемува пропустливоста на крвните садови, влијаејќи на протеините со тесна врска и се важен фактор во развојот на едем на макулата.

Макулопатијата може да се појави истовремено со неоваскуларизација. Дали прво да се третира макулата или неоваскуларизацијата зависи од различни фактори, вклучувајќи ја возраста на пациентот и сериозноста на ретинопатија.  

Третман на централна ретинална вена оклузија


Анти-VEGF терапија се користи за третман со цел да се намали отокот на жолтата точка. Овој тип на терапија е симптоматски, бидејќи не влијае на причината за болеста, туку само ги ублажува симптомите, односно го подобрува видот.

Третман на миопна хороидална неоваскуларизација


Новина во третманот на анти VEGF терапијата е и спречување на разраснување на нови крвни садови од хороидеата (анатомски дел од окото кој се наоѓа под ретината), кај високи и т.н. малигни миопии, кои се јавуваат поради исхемични процеси на ретината при брзо растење на окото.

Меѓу анти-VEGF лековите најчести се:
– Avastin® (bevacizumab)
– Eylea® (aflibercept)
– Lucentis® (ranibizumab)   

д-р Сашо Ѓорѓиоски
Текстот е објавен во зимското издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“