Што е катаракта?
Катаракта (во народот познато како перде) е заматување на природната леќа, која се наоѓа внатре во окото. Тоа ја спречува светлината нормално да продре во окото и заради тоа може да предизвика намалување на видот и осетливост на окото на светлина. Доколку имате над 50 години и сте приметиле замаглување на видот, можно е да имате катаракта. Тоа е честа состојба кај повозрасни лица и може да се третира од страна на очен лекар со операција.
Заради што се јавува катаракта?
Постојат неколку типови на катаракта:
· Сенилна (кај повозрасни лица). Тоа е најчеста причина и се јавува со тек на годините заради промени во составот на природната леќа на окото.
· Вродена (конгенитална). Тоа е состојба кога катарактата е присутна уште при раѓањето на бебето или се развива во тек на раните години. Може да биде предизвикана од инфекција, повреда, нарушен развој во матката и др.
· Секундарна. Овие катаракти настануваат како последица на други болести, како на пример дијабет, реуматски/ автоимуни болести, воспаленија на окото и др.. Можат да бидат последица и на токсични супстанци, ултравиолетово зрачење, радијација или одредени лекови (кортикостероиди, диуретици и др.)
· Трауматска. Оваа катаракта настанува како последица на повреда на окото.
Кои се симптомите?
Катарактата обично споро се развива и може и да не приметите дека ја имате се додека не се развие повеќе и почне да ја блокира светлината.
Тогаш може да приметите:
· Замаглен или намален вид;
· Кратковидост (потреба од очила за далеку со минус диоптрија кај постари лица кои претходно не носеле такви очила);
· Промена во начинот на кој се гледаат боите;
· Проблеми при возење ноќе (појава на одблесоци и халоа околу светлосни извори);
· Појава на двојно гледање (дупли слики);
· Проблеми со постоечките очила (со ниедна диоптрија не се добива добар вид како порано).
Како се дијагностицира?
Очиот лекар ќе направи комплетен преглед, при што ќе се провери видната острина, очниот притисок, ќе бидат ставени капки за ширење на зениците со цел да се одреди типот на катарактата и да се видат другите делови на окото (очното дно). Доколку е потребно, ќе бидат направени и дополнителни испитувања (снимки на окото) – ехографија, компјутерска томографија на очното дно (OCT), биометрија и др.
Каков е третманот?
Доколку вашиот вид не се подобрува со очила и се утврди дека постои катаракта која пречи во секојдневното функционирање, ќе биде препорачан оперативен зафат (хирургија на катаракта). Оваа интервенција е еднодневна хирургија, што значи дека истиот ден ќе си одите дома. Во тек на операцијата ќе бидете свесни, бидејќи се прави со локална анестезија (со капки во окото). Интервенцијата трае обично околу половина час. Очниот хирург низ мал рез на окото (помал од 2mm) ја вади природната леќа со микрохируршки инструменти со фако-метода, што значи дека леќата се разбива со помош на ултразвук и потоа се отстранува од окото со аспирација. На нејзиното место внатре во окото, зад шареницата, се поставува вештачка леќа, која повеќе не се вади, не се менува туку останува во окото доживотно. Повеќе од 95% од луѓето кои ја правеле оваа интервенција имаат добро искуство и после неа имаат подобар вид.
Доколку има катаракта во двете очи, не се прави операција во истиот ден, туку се чека неколку дена или недели за оперираното око да закрепне од операцијата.
Дали треба да се чека катарактата/ пердето „да узрее“?
Не.
Ова е честа заблуда кај пациентите и верување останато од минатото кога катарактата се оперирала со сосема поинаква метода. Во денешно време кога се оперира со фако-метода, многу е поедноставно и побезбедно катарактата да се оперира додека не е многу напредната. Тогаш самата операција се одвива многу полесно и побрзо, завршува со многу помалку компликации и со многу побрзо опоравување на видот после операцијата.
Што после операцијата?
Веднаш после операцијата очниот лекар ќе ви препише терапија (капки и масти) кои ќе треба да ги ставате дома во оперираното око неколку недели (обично 1 месец). Во првите неколку дена после операцијата можно е окото да ви биде осетливо, да солзи, видот да ви биде замаглен или да ви пречи силна светлина. Обично во тек на првата недела не се препорачува да возите, да работите наведнати подолго време или да подигнувате тежина, ниту пак да правите било каков притисок на окото.
Веќе после 8 недели оперираното око се смета за целосно заздравено. При тоа сепак не очекувајте да имате перфектен вид, можеби за одредени прилики сепак ќе треба да употребувате наочари.
Дали можат да настанат компликации?
Бидејќи во медицината генерално не постои 100% „гаранција“, како и при секој хируршки зафат, така и кај оваа интервенција, може да се појават одредени несакани ефекти.
Несаканите ефекти и компликациите кај оваа операција се исклучително ретки и се јавуваат во помалку од 1%. Најголем дел од нив се менаџираат едноставно, со ставање на капки во окото, за посериозните некогаш е потребен уште еден оперативен зафат.
Дали може катарактата повторно да се појави во оперираното око?
Не, бидејќи природната леќа е веќе отстранета од окото. Некогаш, после операција на катаракта се случува после неколку месеци видот повторно да се замагли. Тоа настанува заради тоа што капсулата на леќата – делот од окото каде што е поставена вештачката леќа почнува да се заматува, да фиброзира. Во тој случај очниот лекар препорачува процедура (YAG ласер), која не е операција, трае неколку минути и е безболна. Со неа се прави отвор на касулата во која е поставена вештачката леќа и со тоа повторно се избиструва видот
Дали може да се спречи појавата на катаракта?
Катактата е најчеста причина за намалување на видот, посебно кај лица постари од 60 год. Не постои начин да се спречи нејзиното формирање и напредување, но некои животни навики можат ја намалат веројатноста таа да се појави.
Тоа се на пример:
· носење на наочари за сонце со UV заштита;
· консумирање храна богата со антиоксиданси;
· престанување со пушење;
· умерено консумирање алкохол;
· одржување на нормално ниво на шеќерот во крв;
· редовни очни прегледи еднаш годишно.