Денешниот начин на живот сѐ повеќе нѐ наведува да се стремиме кон перфекционизам. Да изгледаме добро, да се храниме добро, да заработуваме добро.
Развојот на технологијата и секојдневните нови решенија повторно и повторно водат кон решавање и на најмалите нешта кои за некои луѓе се некомфорни. Па така и медицината, пратејќи го чекорот на целиот технолошки развој, сѐ повеќе се стреми своите услуги да ги доведе до перфекционизам.
Офталмологијата можеби од сите гранки се развива најбрзо и секоја година излегува со сѐ подобри решенија, своите интервенции ги сведува на минутни процедури, а резултатите ги носи кон совршеност. Очилата, особено ако е потребно да се носат неколку пара, веќе за многу луѓе стануваат проблем и истите тие луѓе очекуваат дека ќе се најде решение за трите пара очила.
Зошто три пара очила?
Многу често пациентите се изненадени затоа што не можат со истите очила кои ги носат за гледање телевизија, да читаат книга или да работат на компјутер, и обратно. Често доаѓаат избезумени мислејќи дека нешто страшно се случува со нивниот вид, затоа што го губат фокусот.
Но, она што се случува е нормален физиолошки процес, каде човечката леќа, ја губи својата акомодација, а со тоа и фокусирањето, а задача на офталмолозите е да препишат очила за близина кои ќе го заменат недостатокот на акомодација. Почнувајќи од 40 тата година, на секои 5 години, оваа диоптрија се зголемува.
Доколку пациентот имал диоптрија како дете, односно диоптрија за далечина, тогаш оваа диоптрија за блиску се додава на истата. Но, бидејќи во денешно време, скоро целата работа е сведена на компјутер, тоа повлекува уште едни очила, заради тоа што компјутерот е одалечен нешто подалеку од нормалата одалеченост за држење книга, односно фокусното растојание на компјутерот, не е исто со она за далечина и она за читање.
Тоа значи дека за да функционирате нормално и со јасен вид, неопходно е да имате три диоптрии. Едното решение за ова е носењето на прогресивни очила, каде тие диоптрии ќе бидат ставени на едно стакло, а новото посовремено решение е отстранувањето на диоптрија.
Кои се начините да се отстрани диоптријата?
Најпознат начин за симнување диоптрија е ЛАСИК или народски познато „ласерска метода“, која е најкористена за симнување на диоптријата за далечина. Се препорачува за млади луѓе до 40 тата година, затоа што тогаш сеуште немаме проблем со гледањето на близина. После 40 тата година, оваа метода би го решила проблемот на далечина, меѓутоа за близина и компјутер повторно би требало очила. Она што офталмологијата го нуди како решение е вградување на мултифокални интраокуларни леќи, со кои, како што кажува името, се корегираат сите фокуси на гледањето, односно далечина, средна одалеченост и близина.
Обично следното прашање е дали овие леќи се трајни.
Да, овие леќи се интраокуларни, односно се вградуваат внатре во окото, на местото каде нормално стои природната леќа. Што значи нема потреба од вадење и ставање на истите, а немаат трајност, односно се доживотни.
Зошто мултифокални леќи?
Мултифокалните леќи се можеби најприближни до природната леќа и природниот начин на гледање. Освен тоа ако се земе трошокот за очила и меки контактни леќи, вградувањето на мултифокални леќи е добра долгорочна инвестиција. Со тоа што сте ослободени од очилата, можете поактивно да го водите животот, а освен тоа видното поле со вградени леќи е многу пошироко од она со очила. Следната добра работа е што истите не се менуваат, туку еднаш се вградуваат и се доживотни.
Уште една препрека во видната острина која доаѓа со годините е појавата на катаракта, односно заматување на природната леќa, а годишно во светот се оперираат над 10 милиони луѓе со катаракта. Катарактата претставува најчеста причина за намалување на видот над 50 години, а во дури 50% од пациентите со слаб вид, причина е катаракта.
Позитивно е што со вадењето на природната леќа и вградување на вештачка интраокуларна леќа, доживотно се решава овој проблем со катаракта, односно не постои можност да се појави повторно.
Кои се кандидати за мултифокални леќи?
Доколку пациентот има над 40 години и носи очила за далечина, средна одалеченост и близина, мултифокалните леќи се одлично рефрактивно решение. Кај пациенти кои имаат почетно заматување на леќата, а се сеуште работно активни, мултифокалните леќи го решаваат и проблемот со катаракта и проблемот со диоптрија. Луѓе кои сакаат активен живот, а очилата и меките контактни леќи им се проблем, тогаш ова би го решило проблемот.
Не се препорачува за млади луѓе, кои имаат добра акомодација и кај луѓе кои имаат промени на задниот сегмент на окото, најчесто дегенеративни (сенилна макуларна дегенерација), промени од дијабет, васкуларни промени итн.
За да дознаете дали сте кандидат за вакви леќи, неопходно е да се изврши комплетен преглед, со снимања на предниот и задниот сегмент на окото и преглед на широка зеница.
д-р Маја Иванова Цеков
Специјална очна болница „Деница“