д-р Виолета Бучковска спаѓа во онаа група докажани и признаени професионалци кои секојдневно ни даваат одличен пример што значи да се биде врвен хирург, но и добар човек. Таа, како еден од најеминентните офталмолози во државата, перменентно ги издигнува вкупните здравствени стандарди во Република Македонија, приближувајќи му ги на македонскиот пациент последните и најсовремени трендови во оваа исклучително сензитивна област.

Нејзината меѓународно верификувана експертиза во очната хирургија буди чувство на гордост кај секој од нас дека Македонија, освен во некои други сегменти, има со што да се претстави пред светот и во оваа област.

Д-р Бучковска, својата децениска офталмолошка кариера ја започнува во 1990 година на Универзитетската очна клиника во Скопје, каде седум години посветено работи на одделот за детска офталмологија и страбологија. Во периодот од 1992 до 1999 година, д-р Бучковска има повеќе професионални претстои на детскиот одел при Универзитетската александрова болница во Софија. Истовремено, во овој период, таа стекнува нови вештини и во Клиничкиот центар „Звездара“ во Белград. Од 2000 година, пак, д-р Виеолета Бучковска се ангажира во одделот за ретина, каде под раководство на професор Ивановска се стекнува со значајни знаења од оваа област која е нејзина специјалност и денес. Во врска со споменатото, особено значајни се нејзините стручни усовршувања во одделот за катарактна хирургија, во одделот за витреоретинална хирургија, како и во одделот за окулопластика при Клиничкиот центар во Љубљана, како и повеќекратните стручни претстои во Бугарија, во периодот од 2005 до 2008 година, на кои, под менторство на д-р Ива Петкова натамошно ги усовршува своите знаења од областа на витраретиналната хирургија.

д-р Виолета Бучковска од 2010 до 2017 година е дел од Болницата Систина Офатлмологија, а од 2017 година до денес таа предводник на тимот офталмолози во Специјалната очна болница „Деница“ од Скопје, каде ја извршува и функцијата медицински директор.


Област од посебен интерес на д-р Бучковска е хирургијата на катаракта, хируршките третмани на аблација на ретината, витреоретиналната хирургија, ласерскиот третман на дијабетична ретинопатија и периферните дегенерации на ретина, како и окулопластиката.

1. 
Видот е од исклулителна важност за секој човек. Но, во животот природно е со текот на годините да се јават проблеми со видот. Доколку не се работи за наследни или други фактори, на што треба најмногу да се внимава за да се зачува видот?

Окото ни служи за гледање и тоа е создадено за таа единствена функција, а и не е потребно да се штеди. Современиот начин на живот и функционирање, ни налага премногу напрегање и помалку одморање на очите, особено кога сме пред мониторот, телефонот и таблетите. Без овие направи не може да се замисли нашето функционирање во денешно време, но моја препорака, а верувам и на секој офталмолог е умереност во користењето на мониторите доколку е можно, потоа што повеќе шетање во природа на отворено и секако избалансирана витаминско минерална исхрана во согласност со возраста. Овој пристап ќе овозможи правилен раст и развиток на организмот кај децата, а истовремено и превенција од дегенеративни заболувања кај возрасните. Секако тука спаѓаат и редовните офталмолошки контроли сѐ со цел навреме да се открие и  превенира одредена состојба или заболување на очите.

2. 
Кога треба да се почне со прегледи и колку често треба да се контролира здравјето на очите?

Со прегледи треба да се почне уште од најмала возраст. Доколку немаме некаков проблем во смисла на кривење на очите, најоптимална најрана возраст е три години. Тогаш  детето може да соработува и можеме  да добиеме квалитетен преглед. Се советува ран преглед кај децата се со цел да се откријат рани проблеми со видот и навреме да се третираат. Тоа се најчесто диоптриски проблеми како што е хиперметропијата (далкувидост) и миопијата (кратковидост) Хиперметропијата инаку е главен виновник за појава на слабовидост (амблиопија  или мрзливо око). Развитокот на центарот за вид се завршува со наполнување на осмата година. Доколку   ги корегираме сите диоптриски аномалии и на центарот за јасен вид му носиме јасна слика тогаш тој се развива максимално и нема причина за појава на  мрзливо око. Со раниот преглед, навремената корекција и евентуален третман со вежби, ова состојба може  да се дијагностицира и превенира.  Наредниот преглед би требало да биде во школска возраст заради појавата на т.н. школска миопија (кратковидост) и нејзиното навремено третирање со очила или контактни леќи.  Околу четвртата декада  ни се јавува  старечката далековидост при која имаме потреба за очила за гледање на близина. На овој преглед задолжително треба  да  се направи и проверка  на очниот притисок. Наредните контроли кај популацијата со здрави очи би требало да се прават еднаш годишно или на две години се со цел следење и одржување  на здравјето на очите.

3. 
Кои симптоми и здравствени состојби, не треба да се игнорираат кога е во прашање видот?

Секако намалувањето на видот на едно око или на обете очи, ка какоо и појавата на сивкасто заматување во централниот вид, никако не треба да се игнорира, со цел навремено дијагностицирање на проблемот и пристапување на соодветен третман. Појава на изненадни светкавици особено кои се јавуваат на едно око и се лоцирани периферно во видното поле може да ни укажуваат за појава на одлепување на стаклестото тело, појава на одредени руптури на ретината кои ни се предвесник на аблација односно одлепување на ретината. Појава на изненадни матнини кои се движат и кои го компромитираат видот се уште еден симптом кој не треба да се занемари и кој би можел да ни укажува на крварење или воспалителни промени во стаклестото тело. Црвенило на едното око кое е пропратено со болка или нелагодност секако не треба да се занемари или лекува на своја рака, бидејќи би можело да  е знак за воспаление на средниот дел на окото. Од здравствените состојби секако би ги издвоиле  дијабетот кој доколку не е регулиран може да предизвика многу компликации по видот. Потоа високиот крвен притисок, како и ревматските заболувања особно оние кои се третираат со лекови од групата на антималарици, а би можеле да дадат последица по точката за јасен вид во ретината.

4. 
Еден од поспецифичните зафати во офталмологијата е третманот на задниот сегмент на окото, што е ваша специјалност. Кажете ни за каков здравствен проблем станува збор и како се дијагностицира.

Тоа е едно широко поле кое опфаќа поголем број на заболувања на задниот сегмент на окото. Би ги издвоиле најчестите како што се крварењата во стаклестото тело, најчесто како последица од дијабетична ретинопатија односно оштетувања на крвните садови како последица на нерегулиран дијабет. Потоа тука се одлепувањата на ретината кои се најчесто последица на периферни руптури настанати од дегенеративни промени на ретината, или пак од воспалителни промени на средниот очен сегмент. Дегенеративните промени на точката на јасен вид кои се поврзани со возраста  се јавуваат во две форми, едната е сува форма доведува до постепено намалување на видот а другата е влажната форма и доведува до побрзо намалување на централниот вид. Воспалителни процеси на очниот нерв исто така доведуваат до нагло намалување на видот. Туморозните процеси кои најчесто се јавуваат на средниот дел на окото т.н. увеа, потоа васкулопатиите кои се јавуваат најчесто во склоп на одредени системски заболувања и т.н. Дијагностицирањето на сите овие заболувања започнува со офталмолошки преглед на задниот сегмент со лупа на широка зеница. Прегледот се продлабочува со одредени дополнителни испитувања како што  ехографијата кој е неопходна  доколку  се заматени структурите на предниот сегмент и стаклестото тело на окото па не ни дозволува увид во задниот сегмент/. ОЦТ или оптичка кохерентна томографија која е софистицирана имиџинг метода со која добиваме увид во анатомската градба на ретината на точката за јасен вид или главата на оптичкиот нерв и на тој начин добиваме увид во кој дел на ретината ни е патолошкиот процес. Флуресцинската ангиографија со која со помош на вбризгување на котраст во вена добиваме увид во крвните садови на ретината, односно во оштетувањата и локацијата на иститите.

5. 
Во очната болница „Деница“ практикувате ласерски и хириршки интервенции на задниот сегмент на окото. Од што зависи која метода ќе се избере?

Секако изборот на  методата е  зависи од дијагнозата на заболувањето. И двете може засебно но  и комбинирано да се користат. Ласерските интервенции  најчесто се практицираат кај дијабетичната пролиферативна ретинопатија односно кога имаме разраснување на нови крвни садови на ретината поради исхемијата односно намалувањето на исхраната на ретината. Тогаш се практикува целосна ласеризација на ретината односно т.н.панретинална ласерска фотокоагулација која има за цел да се уништат исхемичните зони на ретината и да се намали продукцијата на т.н.ендотелијални растечки фактори кои допринесуваат за разраснување на неквалитетни нови крвни садови кои лесно се оштетуваат и крварат. Исто така се користат ласерските интервенции при оклузии односно зачепувања на венските крвни садови на ретината поради истата причина на формирање на исхемична зона на ретината. Ласерските процедури се користат и кај одредени руптури на ретината со цел да се превенира настанување на одлепување односно аблација на ретината. Хируршките интервенции се користат при крварења во стаклестото тело кои одредено време перзистираат и истите имаат за цел чистење на крварењето и воспоставување на оптичка провидност. Потоа при одлепувања на ретината се користат хируршките процедури со цел прилепување на ретината и тоа со секлаж и пломба кај свежите и помали аблации или со витректомија  /со времена или долготрајна  тампонада  во комбинација со ласер/ кај поголемите аблации со повеке или една џиновска руптура се со цел да се превенира повторно одлепување на истата.

6. 
Како се одвива постоперативнииот период при интервенција на задниот сегмент на окото?

При ласерската интервенција односно при ласерската фотокоагулација на ретината, пациентот треба да се придржува само до регулацијата на дијабетот и крвниот притисок доколку ги има, земањето на антикоагулантната терапија доколку се работи за оклузија на венски крвен сад или избегнување на кревање тешко доколку се работи за руптура на ретината. По интервенцијата се земаат аналгетици доколку се јави болка. При оперативните процедури како при операција на аблација со трака и пломба или при витректомија потребен е посебен постоперативен режим на однесување. Доколкуе има преврска треба да се внимава да биде сува и чиста, а истата  ќе биде отстранета наредниот ден  при првиот  контролен преглед.  Треба да се избегнува физичка активност во период од 4 – 6 недели по операцијата; не треба да се притиска окото и да се предпазува  од удар;  првите  2 – 3 недели окото  се мие со превриена и оладена вода или со физиолошки раствор.  Капки и маст се аплицираат по упатство од докторот. Дозволено е пациентот да чита, да гледа телевизија и лесна домашна работа; режимот на исхрана е ист како и пред операцијата. Наочари за сонце се носат доколку на пациентот му смета сончевата светлина. Секако потребни се редовни контроли кај офталмолог.

7. 
Што претставува катаракта, кога најчесто се јавува и како се дијагностицира?

Нормалната функција на очната леќа е да јапропушта и  фокусира светлината така да може да се гледаат јасни и чисти слики на набљудуваните објекти. Кога ќе се појави катаракта, леќите на очите се заматуваат, како резултат на што квалитетот на видот се влошува. Со појавата на катарактата постепено се намалува количеството на светлина која влегува во окото и пациентот може да почуствува некои или сите од следниве симптоми: замаглен вид; побледи бои; потреба за често менување на очилата; визуелни проблеми со светлината, како на пример одблесок или отсјај. Во повеќето случаи катарактата е последица на промени поврзани со стареењето на леќата, но таа може да се појави и кај помлади луѓе поради различни причини вклучувајќи: траума или повреди на окото; поради друг оперативен зафат на окото; заболувања како дијабет и глауком; поради долго воспаление на окото, продолжено користење на кортикостероиди… Дијагнозата е едноставна и се поставува со едноставен офталмолошки преглед на широка зеница при што се поставува дијагнозата за типот на катарактата со што и се овозможува планирање на понатамошниот пристап за нејзино отстранување.

8. 
Како се лечи – третира катаракта, кои методи ги применувате во очната болница „Деница“, и со колкава ефикасност?

Единствен начин на лекувањето на катарактата е  оперативен. Развивањето на катарактата може да биде кратко но и со  години. Ако симптомите на катарактата ги засегаат секојдневните активности, може да се размисли за оперативна интервенција и замена на природната леќа со имплант. Методите кои ги користиме се факоемулзификација односно разбивање на катарактата со помош на утразвук и истовремена аспирација на леќните маси, а потоа и имплантирање на вештачка интраокуларна леќа. Најчесто тоа е леќа која е направена од биолошки компатибилен  материјал и се имплантира во окото со помош на специјален за секој тип леки инжектор . Големината на инзизијата за современите леќи е под 2,2мм., со што се намалува ризикот од послеоперативен астигматизам. Кај повеќето луѓе инцизијата (резот) зараснува сам по себе, и не е потребно да се употребат хируршки конци. Другата метода е екстракапсуларна екстракција на катарактата која се користи во исклучителни случаи кога катарактата е „презреана“, или кога би се очекувале одредени компликации кога би почнале со факоемулзификација. Ефикасноста особено на факоемулзификацијата несебично би можеле да кажеме дека е многу голема.

9. 
Дали се можни компликации при интервенција на катаракта?

Компликациите кај операција на катаракта денес се исклучително ретки. Порано  тоа биле чести лезии на задната капсула на леќата и пролабирање на стаклестото тело но  денес настануваат кај помалку од 1% од оперираните, ендофталмитис кај 0.02%, глауком и хроничен увеитис кај околу 1 %.  Фиброзата на задната капсула или т.н. секундарна катаракта и понатаму останува најчеста касна компликација и се јавува кај околу 20% од оперираните ( постари од 60 год.) и прогресивно ја смалува видната острина после неколку месеци или години после операцијата на катарактата. Во овој случај не може да се очекува спонтано опоравување на видот туку на пациентот му се советува интервенција со YAG ласер – капсулотомија односно разбивање на задната капсула и отклонување на заматувањето.

10. После отстранување на катаракта, на што треба најмногу да внимаваат пациентите, што е најважно што треба да знаат?

По отстранување на катарактата на пациентите им советуваме посебен режим на однесување кој трае еден месец а потоа се продолжува со нормален начин на живеење како и пред операцијата. Тоа се состои од следново: веднаш по операцијата потребно е да се набават препишаните од  страна на операторот  капки и маст и веднаш да се почне со нивна апликација онака како што е ординирано од офталмохирургот. Доколку пациентот  користел терапија за очен притисок, дијабет крвен притисок и слично треба да продолжи со истата исто како и пред операцијата. Утредента задолжително се прави првата постоперативна контрола. Првиот постоперативен ден нормално е пациентот да гледа матно,може да има лесно црвенило и да чувствува благо пецкање и мали болки во окото. Првите две недели по операцијата пациентот задолжително треба да одмара, да се штеди од физички напор и да не крева тешко. Окото не треба да се мие со вода наредните 10 – 14 дена, единствено да се чисти со ставање на капки и пребришување со стерилна газа. Миење на коса е дозволено со главата зафрлена на назад. Конечно одредување на диоптрија ( наочари ) се прави по еден до два месеци од операцијата.

11. Се поголем тренд е ласерска корекција на видот, односно дијоптријата. Кога може, а кога не може да се применува оваа современа медицинска метода и што треба да знаат за истата пациентите

Ласерската корекција на видот е естетска хируршка процедура која може да ја направи секој пациент. Секако треба да се испочитуваат неколку правила, односно пациентот да има над 22 години и да ни е стабилна диоптријата минимум две години. Миопијата се корегира до -12 диоптрии, хиперметропијата до + 5 диоптрии, а астигматизмот до 5 диоптирии. Секако пред оваа интервенција потребен е комплетен офталмолошки преглед со цел да се исклучат одредени хронични или акутни заболувања на предниот и задниот сегмент на окото, преглед на широка зеница при што се гледа состојбата на задниот сегмент односно периферијата на ретината и евентуално присутните дегенеративни промени на истата кои треба да се санираат пред  да се пристапи кон ласерското отстранување на диоптријата. Потоа се прави комплетен скен на предниот дел на окото односно корнеата да се види топографската мапа на истата, како и пахиметриски да се измери нејзината дебелина. Откако ке се соберат сите податоци се прави конечен план за ласерската корекција, односно му се кажува на пациентот дали е подобен за подвргнување на изведување на истата или не,а и какви ни се очекувањата по интервенцијата.

12. 
Освен погоре спомнатите, кои други услуги на пациентите им ги нуди очната болница „Деница“?

Од дијагностички процедури покрај Периметријата, ЕХО графиата и ОЦТ би ја спомнала и флуоресцентната ангиографиата при што со гордост можам да кажам дека истите се изведуваат на  најсовремени апарати.Располагаме со диоден ласер за фотокоагулација на ретина и ЈАГ ласер за отсранување на секундарно перде. Во нашата болница освен дијагностика и операции на катаракта и заден сегмент. уште се прават блефаропластики и други интервенции на капаците.интервенции на солзниот апарат дијагностика и  хируршко третирање на глауком.

13. 
Очната болница „Деница“, работи веќе една година, во која оваа специјализирана здравствена установа се етаблира како проверен партнер во кој пациентите имаат доверба. Како гледате на работата на болницата до сега?

Доколку имате одговорен, професионален, а притоа и хуман пристап кон  пациентите, како што го има нашата болница, тие ќе ви вратат со доверба. Наш приоритет е високиот  квалитет  на услугите кои ги даваме. Не случјно се вели дека по губењето на животот, најтешко е губењето на видот. Затоа, нашиот тим, со голема сериозност и посветеност му приоѓа на секој пациент, притоа комбинирајки го нашето искуство и светските протоколи за третирање на очните болести.

14. Медицицината се развива со огромна брзина. Колку и како очната болница „Деница“ ги следи трендовите и какви се нејзините развојни планови?

Трендовите ги следиме  со редовни  посети на регионални и светски симпозиуми и конгреси, но и со директен личен контакт со еминентни офталмолози во одредени субспецијалности, како заради размена  на искуства, така и при решавање на  диференцијално дијагностички дилеми во одредени случаи. Иднината  на  болницата  ја гледаме во проширување на  човечките и технички ресурси, а  со тоа и збогатување на палетата на услуги кои ги нудиме.

Интервјуто е објавено во списанието „Наше здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“