Катаракта (во народот познато како перде) е заматување на природната леќа, која се наоѓа внатре во окото. Тоа ја спречува светлината нормално да продре во окото и заради тоа може да предизвика намалување на видот и осетливост на окото на светлина. Доколку имате над 50 години и сте приметиле замаглување на видот, можно е да имате катаракта. Тоа е честа состојба кај повозрасни лица и може да се третира од страна на очен лекар со операција.
Единствениот начин за лекување на катаракта е хируршко отстранување и имплантирање на вештачка интраокуларна леќа.
Постојат два начина на операција на катаракта:
1. Ултразвучна операција на катаракта (факоемулзификација).
Факоемулзификацијата е техника на ултразвучна хирургија каде што, користејќи модерна технологија со ултразвучна сонда, низ мал рез од 2 милиметри, катарактата се крши (дроби), се всисуваат искршените делови и се поставува флексибилна леќа со претходно утврдена јачина и дизајн во зависност од животните навики на пациентот. Операцијата се изведува во локална анестезија, и е целосно безболна, се врши под микроскоп и трае околу дваесет минути. Ваквиот тип на операција оди со брзо закрепнување на пациентот, бидејќи нема потреба од ставање на шавови.
2. Екстра капсуларна екстракција на катарактата, хируршка операција со поголем рез на корнеа.
Оваа техника се практикува кај тврди и комплицирани катаракти каде се очекуваат повеќе компликации доколку се употреби ултразвучно отстранување на катарактата. По отстранувањето на катарактата се поставува флексибилна леќа со претходно утврдена јачина и дизајн во зависност од животните навики на пациентот. Операцијата се изведува во локална анестезија, и е целосно безболна, се врши под микроскоп и трае околу дваесет минути. Овој тип на операција оди со побавно закрепнување на пациентот, бидејќи ќе има потреба од ставање на шавови.
Три чекори до добар вид
Прв чекор – предоперативен преглед
Во овој дел се утврдува карактерот на проблемот со катарактата, се вршат проверки на општата здравствена состојба на пациентот, се даваат информации во врска со текот на постапката и се договара терминот за спроведување на хируршкиот зафат.
Втор чекор – хирургија
Овој дел се состои од предоперативна подготовка и хируршки зафат кои вообичаено траат не повеќе од 30 минути, по што пациентот веднаш си заминува дома.
Трет чекор – постоперативен третман
Првата проверка по завршувањето на операцијата е следниот ден. Уште тогаш во најголем дел од случаите се забележува видливо подобрување на видот кај пациентите. Следните контроли, пак, се после една недела, еден месец, шест месеци и една година.
Дали треба да се чека катарактата/ пердето „да узрее“?
Не.
Ова е честа заблуда кај пациентите и верување останато од минатото кога катарактата се оперирала со сосема поинаква метода. Во денешно време кога се оперира со фако-метода, многу е поедноставно и побезбедно катарактата да се оперира додека не е многу напредната. Тогаш самата операција се одвива многу полесно и побрзо, завршува со многу помалку компликации и со многу побрзо опоравување на видот после операцијата.
Кога да закажете преглед?
Закажете очен преглед доколку забележите какви било промени во видот. Ако развиете ненадејни промени како што се двојно гледање или блесоци на светлина, ненадејна болка во очите или ненадејна главоболка, веднаш закажете преглед.