Една од методите од хирургијата на задниот сегмент на окото при аблација на ретината е и конвенционалната хируршка интервенција со примена на надворешни сунгерасти пломби кои се позиционираат на надворешниот дел на окото над руптурата на ретината и силиконска трака која го обвиткува очното јаболко. Тие имаат за цел со помош на притисок да ја прилепат настанатата руптура на мрежницата. Со оваа метода се постигнуваат добри резултати доколку се дијагностицираат аблациите на мрежницата во раната фаза.
Витректомијата е уште еднa од методите од хирургијата на задниот сегмент на окото, која вклучува процедури кои се изведуваат на внатрешните структури на окото. Таа спаѓа во групата на најкомплексни микрохируршки процедури кои се изведуваат на окотo и се применуваат кај пациентите кај кои третманот со овој метод често е единствениот избор кога станува збор за очни болести, како што се: ретинална аблација, крварење во стаклестото тело, дијабетична ретинопатија, траума на окото со присутно туѓо тело, во тераписки цели кај воспаленија на сите делови на окото (ендофталмит), и кај некои болести на точката на јасен вид.
Ако индикација е одвојување на мрежницата, како резултат на постоењето на фиброваскуларни мембрани во пролиферативната дијабетична ретинопатија, со отстранување на овие мембрани и примена на тампонада со силиконско масло, мрежницата се враќа на своето место и ја намалува можноста за повторно одлепување.
Кај пациенти со дијабетес тип 2 и крварење во стаклестото тело кое по обем е големо и невозможува фотокоагулација, треба да се примени витректомија. Ако индикација за витректомија е крварење во стаклестото тело, отстранувањето на стаклестото тело и крвта дозволува поминување на светлината низ внатрешноста на окото до мрежницата.
Опоравување
Бидејќи витректомијата е еднодневна хируршка процедура и се изведува во локална потенцирана анестезија, не бара хоспитализација, а заздравувањето е брзо. Критичниот период по витректомијата е две до три недели, каде исклучително важно е пациентот да се придржува до инструкциите на лекарот и медицинскиот персонал.