
Ласерскиот третман се изведува во раните фази на болеста на ретината и тоа кај дијабетичните промени на очното дно, кај „инфаркт на окото“ (зачепување на централната ретинална вена или нејзина гранка), решавање на претечки руптури на ретината…
Целта на ласерскиот третман е, меѓу другото, и да се спречи создавањето на нови, патолошки крвни садови, како и крварење од веќе создадени крвни садови.
Ласерската фотокоагулација се изведува со специјални ласери со одредена бранова должина. Ласерските зраци со многу висока енергија, се фокусираат на оштетената мрежница.
Ласерската фотокоагулација може да се направи со различни техники, односно:
• Локализирана ласерска фотокоагулација. Оваа техника се користи во почетните фази на болеста кога нема многу новоразвиени патолошки крвни садови или кога е зафатена жолтата точка (дијабетична макулопатија). Со ласерските печати се уништуваат патолошките крвни садови и на тој начин се спречува појавувањето на крварење или на оток. Со оваа техника на ласерската фотокоагулација максимално се штеди ретиналното ткиво и се третираат ризичните места. За време на интервенцијата, се става минималниот потребен број на ласерски печати. Интервенцијата е краткотрајна, безболна и се изведува амбулантно.
• Паретинална ласерска фотокоагулација.Оваа техника се користи доколку болеста зафатила поголем дел од мрежницата со појава на многубројни крвни садови при што се прави многу поопсежна ласерска интервенција. Целта на оваа интервенција е да се уништат ново развиените крвни садови на периферијата на мрежницата и целосно да се изгубат по неколку месеци. Бидејќи ласерските зраци не само што ги уништуваат патолошките крвни садови, туку и ткивото на мрежницата, после таквите екстензивни третмани, периферниот дел од видното поле се губи. Понекогаш третманот треба да се направи во неколку наврати.