Анти VEGF (Anti-Vascular endothelial growth factor) претставуваат група лекови кои го спречуваат создавањето на васкуларниот ендотелијален растечки фактор кој се лачи од ткивото кое е послабо снабдено со кислород, а кое тежнее само да го надокнади недостатокот и лачејќи го овој фактор придонесува кон создавање на нови крвни садови кои би требало да го надокнадат овој недостаток на кислород носејќи му крв.
Се користат интравитреално односно примената на лекот е директно во окото, каде што е обезбедена највисока концентрација и најсилна ефикасност на лекот.
Се користат за лекување на многу очни болести, а најчесто за третман на макуларен едем при дијабетична ретинопатија (оток во точката за јасно гледање како компликација од дијабет), оклузија на ретинални вени (зачепување на крвните садови на ретината – мрежницата – од тромб), инфламаторни – воспалителни – болести на мрежницата и третман на влажна форма на сенилна макуларна дегенерација (оштетување на точката за јасно гледање поврзано со возраста, а предизвикано од растење на нови – патолошки крвни садови на мрежницата кои го оштетуваат видот).
Зафатот е практично безболен бидејќи се користи многу тенка и мала игла, а окото претходно е анестезирано со капки за анестезија.
Зафатот се изведува во операционата сала за целосна стерилност.
Пациентот првите неколку дена по зафатот, во зависност од видот на лекот што треба да се користи, може да гледа заматувања (кругови, точки, линии….) кои што „пловат“ во окото. Тоа е лекот кој што е ставен во стаклестото тело (желатинозна маса која се наоѓа во шуплината на окото и која ни го држи окото како топче) на окото, кој што набргу ќе се спушти на дното на окото и нема да претставува никакви понатамошни тешкотии.
Во одреден временски период, обично од еден до три месеци по апликацијата (во зависност од видот на лекот), лекот постепено се раствора.
Помеѓу анти-VEGF лековите најчести се:
• Avastin® (bevacizumab) Avastin е широко користен во изминатите неколку години за третман на влажната форма на макуларна дегенерација (оштетување на точката за јасно гледање поврзано со возраста), а се воведуваат и нови индикации како што е едем (оток) во точката за јасен вид како последица на дијабетичната ретинопатија;
• Eylea® (aflibercept) е лек кој е одобрен од FDA (америчка агенција за храна и лекови) за третман на макуларен едем при дијабетична ретинопатија (оток во точката за јасно гледање како компликација од дијабет), оклузија на ретинални вени (зачепување на крвните садови на ретината – мрежницата од тромб), инфламаторни – воспалителни болести на мрежницата и третман на влажна форма на сенилна макуларна дегенерација (оштетување на точката за јасно гледање поврзано со возраста);
• Lucentis® (ranibizumab) одобрен од FDA за третман на влажна форма на макуларна дегенерација.
• Vabysmo® (faricimab) е хуманизирано биспецифично имуноглобулинско G1 (IgG1) антитело кое делува така што ги неутрализира и ангиопоиетин-2 (Ang-2) и васкуларниот ендотелен фактор на раст-А (VEGF-A), со што инхибира две различни патеки на сигнализација. Со двојна инхибиција на Ang-2 и VEGF-A, лекот faricimab ја намалува пропустливоста и воспалението на крвните садови, инхибира патолошка ангиогенеза и повторно воспоставува васкуларна стабилност. Индициран e кај возрасни пациенти за третман на: Неоваскуларна(влажна) сенилна макуларна дегенерација (анг. neovascular age‑related macular degeneration, nAMD) иОштетување на видот предизвикано од дијабетичен макуларен едем (DME).