Дијагноза на глауком
За дијагностицирање на глаукомот се прават повеќе испитувања.
Најосновно е мерењето на очниот притисок или тонометријата. Таа може да ни даде насоки дали има глауком и дали постои ризик за развој на глауком, но не може сама по себе да утврди негово постоење. За утврдување на глаукомот потребни се и дополнителни испитувања, како што се периметријата или испитување на видното поле, со кое се гледа дали има и кој е степенот на оштетување на периферниот вид. Понатаму се прави гониоскопија – испитување на иридокорнеалниот агол, оптичка кохерентна топографија (ОЦТ), мерење на дебелината на роговицата – пахиметрија итн.
Прегледот и поставувањето на дијагноза на глаукомот се започнува со земање на детална анамнеза во што спаѓа: главни тегоби зошто пациентот се јавува на офталмолог; сегашна болест односно од кога почнале тегобите и како хронолошки се јавиле истите; историја на болести на окото и евентуално аплицирање на одредени очни медикаменти; дали пациентот боледува од одредени системски болести; фармаколошка анамнеза, алергии, социјална анамнеза, како и семејна анамнеза, а особено појава на глауком кај членови од семејството.
Во продолжение, на темелот на резултатите од истакнатото, следува:
• Компјутеризирано мерење на рефракцијата;
• Одредување на видна острина (со корекција и без корекција);
• Мерење на очен притисок (тонометрија);
• Испитување на реакција на зеницата;
• Испитување на мотилитет на очите;
• Биомикроскопски преглед на предниот сегмент на окото;
• Гониоскопија, односно инспекција на иридокорнеалниот агол со „Голдманова тространа призма“;
• Директна или индиректна офталмоскопија.
Доколку се постави претпоставена дијагноза за глауком, таа се потврдува со одредени испитувања кои се задолжителни во откривањето и во следењето на глаукомот, односно:
• Видно поле или периметрија;
• Пахиметрија односно мерење на дебелината на роговицата;
• Оптичка кохерентна томографија (OCT) на папилата на оптичкиот нерв, како и на макулата;
• Фундус камера која е незадолжителна, но корисна во следењето на глаукомот.
Откако ќе се постави дијагнозата глауком се пристапува кон лекување, односно кон третман со апликација на капки кои го намалуваат очниот притисок. Потоа, во согласност со развојот на терапијата, потребни се и редовни контроли каде ќе се следи движењето на очниот притисок, како и состојбата со очниот нерв.
Кога да закажете преглед?
Најважен третман на глаукомот е превенцијата односно откривање на болеста пред да предизвика сериозно оштетување на видот. Затоа, редовните очни прегледи, дури и тогаш кога видот е нормален, се есенцијални за раното откривање на глаукомот.