
Ултразвучна дијагностика
Принципот на работа на ултразвукот се темели на емитување на звучни бранови со висока фреквенција со помош на специјална сонда и анализа на повратните сигнали.
Компјутерот го анализира повратниот звучен сигнал, го обработува и го прикажува како дводимензионална слика на мониторот.
Во клиничката пракса, за време на ултразвучната дијагностика можеме да користиме:
• А-scan или ултразвучна биометрија. А-скенот се користи за одредување на аксијалната должина на очното јаболко и со кератометријата внесена во соодветен софтверски програм служи за прецизно пресметување на јачината на вештачката леќа кај операцијата на катаракта. Прегледот се изведува со локална анестезија преку директно допирање на ултразвучната сонда на рожницата од окото;
• Б-скен ултразвук. Б-скенот обезбедува прецизна дводимензионална слика за внатрешноста на окото и за орбитата, темелен на акустична густина на различни ткива. Во зависност од акустичните својства, различните ткива се прикажани во различни нијанси на сивата боја. Б-скенот е неопходен кога оптичките медиуми на окото не се транспарентни (заматена корнеа, катаракта, крварење во стаклестото тело и.т.н) и не е можно да се види внатрешната структура на окото, како и на очното дно. Б-скенот се користи за дијагноза на ретинална аблација, аблација на садовницата, аблација на стаклестото тело, интраокуларно крварење, визуелизација на туѓи тела во окото, интраокуларни тумори, како и епиретинални мембрани.
Освен споменатото, исто така, со ултразвукот може да се дијагностицираат патолошките промени во орбитата (очната дупка) и лесно да се измерат мускулите на очното јаболко.
Преглед со Б-скенот е безболен и се изведува со допирње на сондата на површината на капакот, обложен со гел, во неколку дијагностички насоки.