Ретиналната флуоресцинска ангиографија претставува дијагностичка метода на испитување на циркулацијата на ретината и хороидеата преку користење на контрастно средство, кое е неоходно во дијагностиката и следењето на болестите на мрежницата (ретината) или садовницата (хороидеата).
Претставува основен дијагностичен метод каде ин виво се набљудуваат патолошките процеси во задниот сегмент. Во зависност кој дел од задниот сегмент треба да се фотографира, постојат два типа на контраст:
• Флуоресцин за испитување на циркулацијата на ретината, како и
• Индоцијанин за испитување на хороидеата.
Испитувањето се прави откако ќе се прошират зениците на пациентот. Се вбризгува во вена контрасно средство и со посебен апарат (ангиограф), се прават серија на снимки во времетраење од 10 минути.
Со снимањето се утврдува дали има истекување на течност од крвните садови и според добиените резултати се одредува начинот на лекувањето на пациентот.
Интерпретација на резултатите
Нормални резултати односно ако окото е здраво, крвните садови ќе имаат нормален облик и големина. Нема да има блокада или истекување од крвните садови. Абнормални резултати ќе откријат истекување или блокада во крвните садови. Ова може да се јави поради циркулаторни промени, туморозни процеси, дијабетична ретинопатија, дегенерација на макулата, воспалителни промени на крвните садови (васкулити), оток на главата на видниот нерв и слично.