Каусомите се повреди на окото од хемиски агенси, особено киселини или бази, при што структурите на окото, очните капаци, конјунктивата и рожницата најчесто се засегнати, но може да бидат погодени и подлабоките структури на очите.
Киселините и базите најчесто доведуваат до каузоми. Од киселини, најчест причинител е сулфурна киселина (особено од акумулаторите), но се среќаваат и хлороводородна и оцетна, а многу ретко и други. Од базите денес, најчести се повредите со калиум хидроксид (гасена вар или малтер), а поретко: натриум хидроксид (жива сода) и амонијак. Овие повреди може да бидат случајни при работа во индустријата или дома, но, исто така, и намерно.
Повредите предизвикани од бази се значително поопасни затоа што базите доведуваат до коликвациона некроза поради формирање на алкалалбуминат, што овозможува базата да навлезе во подлабоките слоеви на ткивото. Киселините предизвикуваат коагулациона некроза, како резултат на формирање на ацетабуминат, со што се создава еден вид лузна на површината на ткивото што спречува понатамошно навлегување на киселината во подлабоките слоеви на ткивото.
Каусомите предизвикуваат некроза на ткивото што е оштетено, а на негово место доаѓа лузнесто ткиво, кое има изразена тенденција да се ретрахира (повлекува) и со тоа се создава лузна со различна големина.
Како се манифестираат хемиски повреди на очите?
Кај каусомите, знаците на повреда може да се видат и на очните капаци во форма на некротични промени. Сепак, големи промени се случуваат на конјунктивата и рожницата, особено во областа на отворот на очните капаци.
Овие делови на окото се најмногу изложени на дејството на каустична материја што стигнува до окото. Оштетувањата се градуираат во четири степени одејќи од најлесен до најтежок облик.
Конјунктивата е бледа по боја поради исхемијата (намалена прокрвеност), намалена чувствителност поради оштетување на сетилните нерви. Неуспехот да се воспостави васкуларизација доведува до појава на некроза
Рожницата е без сјај, поради губење на епителот, и затоа се гледа заматено.
Како се дијагностицира хемиска повреда на окото?
Дијагнозата се поставува врз основа на анамнезата и локалниот наод при офталмолошки преглед.
Како се третираат хемиски повреди на очите?
Терапевтската постапка може да се подели во три фази:
Прва фаза: прва помош што се укажува веднаш по повредата;
Втора фаза: третман на еволутивните промени;
Трета фаза: третман на последиците.
Третманот во првата фаза е особено важен бидејќи интервенцијата мора да биде брза. Се состои од обилно испирање на очите на лице место.
Испирањето треба да е обилно и се врши со вода, или со физиолошки раствор. За да се намали болката, се аплицира локален анестетик (1% тетракаин). Локалната анестезија му дозволува на лекарот да го преврти очниот капак и да ги отстрани преостанатите цврсти материи од хемиската супстанција со парче влажно памучно стапче или газа.
Мидријатик (средство за ширење на зениците) се аплицира за да спречи реакција на ирисот (шареницата). Антибиотска маст се нанесува во окото за да се спречи секундарна бактериска инфекција и го намалува триењето помеѓу конјунктивата на очниот капак и рожницата. Потоа се аплицира аскорбит (вит.Ц особено при повреди со база), и капки вит.А+Д или некој гел за регенерација на епителот на рожницата.
Не се врзува завој за да се спречи насобирање на секрет и некротичното ткиво под завојот и да се дозволат солзите да продолжат со природно миење на очите.
Втората фаза на лекувањето има за цел да се локализира некрозата и да се регенерира оштетеното ткиво со што е можно помалку лузни. Локално, исто така, се аплицираат аскорбит, антибиотик, мидријатик и адевит капки (витамин А+Д). Испирањето на окото со физиолошки р-ор се уште се изведува.
Во втората фаза на третман, се додаваат и капки кортикостероиди за да се спречи создавањето на лузни. За да се спречи појава на симблефарон (прираслица меѓу конјунктивата на капакот и окото), секој ден се проаѓа со стаклено стапче во форниксот (простор помеѓу капакот и окото).
Третата фаза го опфаќа периодот кога промените се претворени во лузни. Во оваа фаза, третманот е најчесто хируршки.
д-р Сашо Ѓорѓиоски
Специјална очна болница „Деница“